Системот за вселенско лансирање „Артемида 1“ на НАСА е лансиран во вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во ноември 2022 година, во Кејп Канаверал, Флорида.
– Повеќе од 50 години по последната мисија „Аполо“, САД ќе се обидат уште еднаш да слетаат летало на Месечината на 25 јануари – рече шефот на веројатно првата приватна компанија што успешно ќе ја допре површината на Месечината.
Во лендерот, наречен „Перегрин“, нема да има никој. Тој беше развиен од американската компанија „Астроботик“, чиј извршен директор Џон Торнтон рече дека ќе носи инструменти на НАСА за проучување на лунарната средина во пресрет на мисиите Артемида на НАСА со екипаж.
Пред неколку години, НАСА одлучи да им довери на американските компании испраќање научни експерименти и технологии на Месечината – програма наречена ЦЛПС. Тие договори со фиксна цена треба да овозможат развој на лунарната економија и обезбедување транспортни услуги по пониска цена.
– Еден од големите предизвици на она што се обидуваме овде е обид за лансирање и слетување на површината на Месечината за мал дел од она што инаку би чинело. Само околу половина од мисиите што излегоа на површината на Месечината беа успешни. Значи, тоа е секако застрашувачки предизвик. Ќе бидам преплашен и воодушевен одеднаш во секоја фаза од ова – рече Торнтон на брифингот за печатот во седиштето на неговата компанија во Питсбург.
Лансирањето е закажано за 24 декември од Флорида, на инаугуративниот лет на новата ракета на индустриската групација УЛА, наречена „Вулкан кентаур“.
– На сондата потоа ќе ѝ бидат потребни „неколку дена“ за да стигне до орбитата на Месечината, но ќе мора да почека до 25 јануари пред да се обиде да слета, така што светлосните услови на целната локација се соодветни – рече Торнтон.
Спуштањето ќе се врши автономно, без човечка интервенција, но ќе се следи од контролниот центар на компанијата.
Пролетоска јапонскиот стартап „Испејс“ веќе се обиде да стане првата приватна компанија што слетала на Месечината, но мисијата заврши неуспешно. И Израел не успеа во 2019 година. Само четири земји успешно слетаа на Месечината: САД, Русија, Кина и неодамна Индија.