Никој не можеше да ја предвиди популарноста на електричните автомобили во Норвешка пред само десет години. Во време кога побарувачката за електрични автомобили во Европа нагло опаѓа, а некои компании размислуваат за затворање и продажба на дел од своите фабрики, интересни вести доаѓаат од северот на Стариот Континент. Бројот на продадени електрични автомобили во Норвешка за првпат го надмина бројот на продадени возила на четири тркала со бензински мотори.
Според податоците на Норвешкиот совет за информирање за патниот сообраќај, во оваа земја се регистрирани вкупно 2,8 милиони патнички автомобили. Од тој број, 754.303 се електрични автомобили, додека 753.905 се бензински автомобили. Бројот на регистрирани патнички автомобили со дизел мотори во Норвешка е сè уште најголем во моментов и надминува еден милион. Но, како што секоја година има сѐ повеќе електрични автомобили, така и бројот на дизел автомобили постојано се намалува.
Иако пред десет години никој не можеше да ја предвиди популарноста на електричните автомобили во оваа северноевропска земја, сега се наведува дека до 2026 година нивниот број ќе биде поголем од бројот на автомобили на дизел.