Магнетите, како што се оние што често се користат за украсување на вратите на фрижидерите, се користат со векови за различни намени. Но научниците и компаниите сега прават големи напори да ги направат помоќни и поефикасни, а можностите за примена се различни: од помалку инвазивни операции до сателити што собираат вселенски отпад околу Земјата.
Магнетите сè повеќе се користат во различни нови технологии – меѓу другото, во електрични мотори и турбини на ветер, а од неодамна како помалку инвазивна алтернатива во рутински операции, како што е отстранување жолчно ќесе.
Тие се клучни за електрификацијата
Тие се клучни за електрификацијата, но главно се направени од метали од ретки земји. Во производството на постојани магнети, Кина води во светот со повеќе од 90 отсто од уделот на пазарот. Но ископувањето на ретките елементи потребни за нивно производство е многу валкан процес.
За т.н. магнети од повисок степен, како оние од металот неодимиум што се подостапни на пазарот, ни требаат почисти и пораспространети капацитети за нивно производство и нашата иднина зависи од нив.
Во електричниот мотор, магнетното поле ја помага ротацијата, што се користи, на пример, за вртење на оската и на тркалата во електричните автомобили. Магнетите од повисок степен му овозможуваат на моторот да работи поефикасно, а автомобилите што ја користат оваа технологија имаат тенденција да бидат полесни. Со внимателно додавање друг редок метал – диспрозиум – ефективноста на магнетот може дополнително да се подобри.
Една од причините зошто Кина доминира во глобалното производство на овие магнети се владините субвенции. Ретките метали потребни за нивното производство подлежат на даночни олеснувања кога се извезуваат, а властите одвојуваат поголема финансиска поддршка за трошоците за енергија во индустријата.
Различни алтернативи на производство
Иако е тешко да се натпреваруваат со Кина на пазарот за овие магнети, некои компании, како што е американската „Нирон магнетикс“, не престанаа да се обидуваат. Оваа компанија има друг метод – прави магнети од железен нитрид, каде што не користи ретки земјени метали, туку железо и азот. Првите такви магнети треба да се користат во производството на звучници.
Друга поеколошка алтернатива е екстракција на ретки метали, на пример, од стари електрични мотори и хард дискови, а овој метод е развиен од Универзитетот во Бирмингем. Компанијата „ХајПроМаг“ веќе успешно ја користи оваа технологија и планира да започне со комерцијално производство на магнети оваа година.
Од друга страна, американската компанија „Новеон магнетикс“ развила метод за рециклирање на магнетите, но не сака да открива детали за оваа технологија. Се вели дека целиот процес е 40 проценти поефикасен од традиционалното производство на магнети.
Сепак, некои експерти тврдат дека е тешко да се одреди квалитетот на старите магнети од истрошената електроника, а понекогаш е тешко да се отстранат од уредот. Бидејќи првите генерации на електрични мотори и турбини на ветер ќе го дочекаат крајот на работниот век во наредните години, се очекува да има повеќе магнетни материјали за рециклирање.