Фото: Пиксабеј

Јапонската компанија „Испејс“ инвестираше повеќе од 40 милиони евра во својата нова американска подружница бидејќи сака да ги искористи растечките инвестиции на американската вселенска агенција НАСА и Пентагон во технологии наменети за мисии на Месечината.
– Инвестицијата е јасен показател за посветеноста на „Испејс“ на американскиот пазар. Очекуваме тој број да продолжи да расте како дел од нашата стратегиска определба да придонесеме во владините мисии и создавањето цислунарен систем од САД – изјави директорот на компанијата Такеши Хакамада.
Американската подружница се нарекува „Испејс текнолоџи УС“ и вработува повеќе од 80 луѓе од Денвер. Поранешниот астронаут на НАСА, Роналд Џеј Гаран, беше назначен за директор во јуни оваа година.
Компанијата „Испејс“ го претстави новиот лендер „Ејпекс 1.0“, кој ќе лета наместо претходната верзија на лендерот наречен серија 2. „Ејпекс 1.0“ е дизајниран за летови на кратки растојанија до Месечината и ќе може да носи до 300 килограми товар до лунарната површина. Тоа е десет пати поголем капацитет во споредба со првиот вселенски лендер серија 1.
„Ејпекс 1.0“ ќе биде лансиран во третата мисија на компанијата „Испејс“, која ќе биде спроведена во партнерство со лабораторијата „Дрејпер“, а целта е да се испорача товар за НАСА до далечната страна на Месечината. Датумот на мисијата беше поместен од 2025 во 2026 година, делумно поради преминот од дизајнот на серија 2 на „Ејпекс 1.0“. Новиот лендер ќе има повеќе од десет пати поголем капацитет од првиот лендер серија 1, кој слета на површината на Месечината во април.