Компанијата „Лего“ се откажа од плановите да прави коцки од рециклирани пластични шишиња со цел да ги намали емисиите на јаглерод.
„Лего“ во 2021 година соопшти дека сака да произведе коцки што не содржат сурова нафта, и тоа во рок од две години, но пристигнаа лоши вести. Компанијата се огласи и изјави дека употребата на новиот материјал не ги намалила емисиите на јаглерод. Меѓутоа, од компанијата велат дека остануваат целосно посветени на производството на коцки од одржливи материјали. Во моментов, многу лего-коцки се направени од акрилонитрил бутадиен стирен (АБС), чиста пластика направена од сурова нафта.
Новата одлука на „Лего“ се смета за назадување по силниот притисок да биде „позелен“. Како и многу други компании, „Лего“ истражува алтернативни материјали за да ја замени пластиката бидејќи одржливоста станува сè поважна за клиентите. Еден од предизвиците е да се најде материјал доволно издржлив за да трае со генерации. Во 2021 година, „Лего“ разви прототип на коцка направена од ПЕТ-шишиња со употреба на некои други материјали, а тоа даде надеж дека материјалот може да биде алтернатива на нафтата. Сепак, компанијата откри дека по две години тестирање, било откриено дека употребата на рециклиран полиетилен терефталат (ПЕТ) не ги намалува емисиите на јаглерод. Причината за тоа е потребата од дополнителни чекори во производствениот процес, што значеше користење повеќе енергија. Затоа, „Лего“ одлучи да не продолжи со производство на коцки од овој материјал, но моментално тестира и развива коцки направени од палетата на алтернативни одржливи материјали.
Извршниот директор на компанијата, Нилс Кристијансен, за „Фајненшл тајмс“ изјави дека не постои „магичен материјал“ што ќе ги реши предизвиците за одржливост на компанијата.
– Ние тестиравме стотици материјали, едноставно не е можно да се направи таков материјал – рече тој.
Сепак, портпаролот на компанијата за „Би-би-си“ изјави дека „Лего“ е посветен на правење коцки од одржливи материјали и инвестира повеќе од 1,2 милијарда долари во иницијативи за одржливост во период од четири години, што е дел од промената кон поодржливи материјали за намалување на емисиите на јаглерод за 37 проценти до 2032 година.