Починатиот поп-пејач Џорџ Мајкл, 89-годишната икона на кантри-музиката Вили Нелсон и раперката Миси Елиот се меѓу првите кандидати за оваа година за Куќата на славните на рокенролот. Од 14-те номинирани, осум се најдоа на листата за првпат, вклучувајќи ги пејачките Шерил Кроу и Синди Лопер, починатиот кантавтор Ворен Зевон, заедно со рок-групата „Џој Дивижн“ и рок-дуото „Вајт страјпс“. Номинирани се и пејачката Кејт Буш, хевиметал-бендот „Ајрон мејден“, рок-бендот „Рејџ агентс д машин“, рок-групата „Саундгарден“, како и вокалистичката аренби-група „Спинерс“.
– Овие уметници создадоа свои звуци, кои влијаеја на генерации и на безброј други што тргнаа по нивните стапки – изјави Џон Сајкс, претседател на фондацијата на Куќата на славните на рокенролот.
За да се квалификуваат за номинација, уметниците или бендовите мора да ја имаат објавено својата прва комерцијална снимка најмалку 25 години пред годината на номинација.
Повеќе од 1.000 уметници, историчари и претставници на музичката индустрија низ светот ќе гласаат за номинираните, како и обожавателите, кои можат да гласаат онлајн или лично во музејот на Куќата на славните во Кливленд.