Вечерва, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет ќе се одржи концерт на нашиот тенор Благој Нацоски, насловен „Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години“. Гости на концертот се Наде Талевска, сопран, и Васко Здравков, баритон, пијано-придружба Јанинка Невчева, а режисер на концертот е Дејан Прошев. Водител е Огнен Јанески.
На програмата се арии од композиторите: Џузепе Џордани, Жил Масне, Џоакино Росини, Џузепе Верди, Франческо Чилеа, Џакомо Пучини и др.
Благој Нацоски е најпознатиот македонски тенор, кој веќе 20 години ги освојува сцените низ целиот свет. Се издвојува по особената музикалност, префинетиот стил на изведба, неговата харизма и впечатливиот сценски настап. Изминатите години Нацоски бележи огромни успеси во миланска „Скала“, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо, Кина, како и на светските премиери на оперите „Страв“, „Сега е мрак“, „Дрдорењара на Лапо“, каде што ги толкува главните тенорски партии. Особено е успешен и како концертен односно камерен пејач, изведувајќи музика на Шуберт, Шуман, Малер, Брамс во дуо со пијанистот Лука Чамаруги.
Нацоски дебитира во февруари 2003 година со настапот на сцената на римската опера како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Оттаму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет.
Следните настапи ги вклучуваат оперите „Адријана Лекуврер“ во Катанија, „Норма“ во Џенова, „Турандот“ во Бари, турнеја во Јапонија, концерти во Мантова и Удине итн.