По повод значајната годишнина, 70 години на тронот на кралицата Елизабета Втора, Бакингемската палата ја претстави целата програма со која ќе се одбележи јубилејот.
Јавноста ќе има можност да ги види приватните имоти на деведесет и петгодишната кралица, потоа пред Бакингемската палата во Лондон ќе се организираат настапи на најголемите светски ѕвезди, а ќе биде избрано и јадење што ќе го обележи владеењето на кралицата. Учениците низ Велика Британија веќе подготвуваат дела за тоа како ја гледаат својата земја во следните седумдесет години, а од 12 до 15 мај во замокот Виндзор се очекуваат повеќе од 500 коњи и 1.000 изведувачи во претставата што ќе ја одведе публиката низ историјата.
Церемониите ќе продолжат до 2 јуни, кога започнува четиридневниот национален празник и ќе се одржи роденденската поворка на кралицата. Засега не е објавено на кои манифестации ќе присуствува или ќе учествува кралицата, бидејќи лекарите кон крајот на минатата година ѝ препорачале мирување по краткиот престој во болница.