Гладен јазовец може да доведе до откривање на стари римски пари во една пештера во Шпанија, пренесоа европските медиуми. Истражувачите се убедени дека ова животно, кое очајнички барало храна, довело до откривање на скриена ризница со 209 римски дукати во пештерата на гратчето Градо, во регионот Астурија, на север на Шпанија.
Археолозите го поздравиле откритието, оценувајќи дека е „исклучително затоа што се пронајдени пари од периодот од третиот до петтиот век на новата ера“.
Римските пари се пронајдени само неколку метри од дувлото на јазовецот, неколку месеци по големата снежна бура Филомена, која донела огромни количества снег во некои делови на Шпанија.
– Истражувачите сметаат дека снегот го натерал јазовецот да копа во потрага по храна во близината на своето дувло и, така, наместо храна, пронашол скриен трезор со римски пари исковани во Константинопол и Солун – вели археологот Алфонсо Фањул Пераза за шпанскиот весник „Ел паис“.
Повеќето пронајдени кованици се направени од бакар и бронза, а се верува дека најголемата пара тежи осум грама, со околу 4 отсто сребро, искована во Лондон.
До денес, ова е најголема ризница на римски пари пронајдена во пештерата на север на Шпанија – потврдија истражувачите во неодамнешниот извештај.