Осумилјадна публика дојде во СРЦ „Борис Трајковски“ да го проследи долгоочекуваниот концерт на македонската поп дива Калиопи, прв по цели девет години.
И се случи нешто што долго ќе се памети. Публика од сите генерации, најмногу од средната, трпеливо чекаше во долга редица да влезе во салата. Одамна немам видено толку убави луѓе, на едно место. И сите расположени да уживаат во бројните хитови на Калиопи, што таа ги отпеала изминатите 40 години, колку што трае и нејзината соработка со нејзиниот бивш сопруг Ромео Грил, кој за неа напиша безвременски песни.
И го почнавме музичкото патување со мелодиите со кои Калиопи ја почна кариерата, кои и денес звучат свежо, па се до оние од последниот „Албум“. Концертот почна во 21.30 часот со големиот хит „Обои ме“ и веднаш се се разбранува во салата, а нашата дива со уникатен глас, не обои во плаво, жолто, но најмногу во бојата на љубовта, која цело време се движеше двонасочно во салата.
„Убави мои, како сте, дали се добро?“, неколкупати со ова прашање и се обраќаше Калиопи на разиграната и распеана публика и по секоја песна ги ширеше рацете и долго се поклонуваше. Имаше и солзи радосници во нејзините очи, среќа и задоволство од глетката пред неа. Илјадници луѓе, насмеани, весели кои пееја се што ќе им речеше Опи, па и да е само: „Ооооо“. Сепак, најмногу реагираа на песните што се снимени на македонски, но бурни беа аплаузите и на баладите, на бројните хитови снимени на српскохрватски.
– Благословена сум со ваква публика, но длабоко во себе знам дека јас на некој начин сето ова сум го заслужила. И сфатив сега колку вие мене сите овие години сте ми недостасувале, но и јас вам. И затоа нема да чекам толку долго до наредниот концерт, зашто дома си е дома, тука е најубаво – изјави видно возбудена Калиопи.
Таа цело време како да лебдеше од среќа, беше весела, кокетна, забавна, емотивна до коска. Ни откри и дека песната која најмногу ја отсликува е „Вучица“, па ги поздрави „волчиците“ кои од целиот регион дошле да ја слушаат во Скопје.
Ја придружуваше одличен оркестар, засилување и беа и придружните вокали. Исто така сценографијата беше одлична, а секоја песна имаше своја видео приказна, единствено озвучувањето можеше да биде малку подобро.
Помеѓу неколкуте обмислени блокови на концертот ги слушнавме нејзините гости: Слаткаристика и Жељко Сараџиќ, со кои сними две дует песни: „Казна“ и „Зрно“. Тие ги отпејааи нивните најголеми хитови „Да полетам“ и „Љубавник“, што ги исполнија со голема поддршка на сите во салата.
Слаткар рече дека преполната арена „Борис Трајковски“ и убавата атмосфера на концертот се знак дека веќе знаеме да го одбереме она вистинското, како публика, и да го цениме своето.
Зборот Македонија често го слушавме вчеравечер, а од песните што не се дел до нејзиниот репертоар, Калиопи ги отпеа легендарната „Македонија“ на Дадо Топиќ и „Главо луда“ на Здравко Чолиќ. Городост кај сите предизвика и нејзината изведба на „Македонско девојче“, во една џез-рок варијанта.
Третиот гостин, Ромео Грил концертот го следеше од трибините, но на крајот на вториот бис, се појави со Калиопи на сцена, со својата гитара и заедно , со хорот на публиката ја слушнавме емотивната балада „Бато“ (Роѓени).
Не ни осетивме кога поминаа скоро три часа во преполната сала „Борис Трајковски“ што Калиопи ја наполни со своитете песни, но и со прекрасна енергија, а пред се со својот глас, со кој како да си поигруваше цело време. Да се надеваме дека уште долго ќе ја служи.