Сезоната на грип е пред нас, кивањето и кашлањето нема да изостанат ниту овој ноември. За среќа, повеќето луѓе закрепнуваат во рок од една недела од почетокот на симптомите. Без разлика, просечната инфекција со грип може да го наруши секојдневниот живот и исто така да претставува ризик од ширење на грипот. Тоа го поставува прашањето дали постојат научно докажани начини за да се скрати времетраењето на инфекцијата со грип.
Антивирусните лекови се главниот сојузник во борбата против грипот. Д-р Тимоти Бруер, професор по епидемиологија, наведува дека сите регистрирани лекови даваат одлични резултати, а развојот на настинката и текот на болеста зависат од состојбата на пациентот. Исто така, постојат докази дека овие лекови може да го скратат времетраењето на симптомите на грип до еден ден.
Некои, пак, од друга страна, не земаат лекови веднаш, туку земаат производи како витамин Ц, цинк или ехинацеа, со надеж дека ќе ги ублажат симптомите на грип и ќе се подобрат побрзо. Сепак, во моментов нема доволно клинички докази што сугерираат дека овие стратегии постигнуваат некоја од овие цели.
Многу истражувања се фокусираат на тоа како овие производи конкретно ги напаѓаат симптомите на обичната настинка, а не на грипот. Настинката е исто така респираторна болест, но може да биде предизвикана од повеќе различни вируси, додека грипот е предизвикан само од вируси на грип.
– Ако луѓето сакаат да земаат витамин Ц, тоа е секако добра работа, но нема докази дека тоа го скратува времетраењето на грипот. Цинкот е уште еден додаток за кој нема јасен доказ дека влијае на времетраењето на инфекцијата со грип – изјави д-р Бруер.