Пронаоѓачот на витаминот Ц, Алберт Сент Џорџ, бил роден во Војводина, истражувањето на двајцата нобеловци од Хрватска, Лавослав Ружичка и Владимир Прелог, го отворило патот за значајни откритија во фармацијата, но тие фактички не создале ниту еден лек. Првиот човек од ова поднебје што патентирал светски лек („дијазепамот“) е Фрањо Кајфеж, што му донело светска слава и големо богатство. На оваа група научници се приклучува и Ангел Симов, кој го направил „кафетинот“ во 1957 година
Лекот „кафетин“, убедливо најраспространетиот и најпознат македонски производ, бил лансиран во 1957 година и станал многу продаван на подрачјето на поранешна Југославија, а покрај тоа се продавал и на пазарите во 15 земји, меѓу кои и Русија, Бугарија и Романија. Но малкумина знаат кој е неговиот пронаоѓач. Станува збор за Ангел Симов, роден во Гевгелија, во 1935 година (починал во 1998 г.), фармацевт, редовен професор, еден од основоположниците на Катедрата по фармацевтска технологија. Симов е автор на учебникот „Фармацевтска технологија“ и на одделни научни и стручни трудови. Тој бил долгогодишен директор на фармацевтската куќа „Алкалоид“ во Скопје и одговорен за осовременување на производствениот процес и за отворање нови сектори за производство на лекови. Симов е и еден од основачите на Фармацевтската комора на Македонија и нејзин претседател (1996 – 1998), како и претседател на Македонското фармацевтско друштво (1974 – 1976).
Во статија на проф. д-р Ненад Дикиќ за српски „Телеграф“ се откриваат интересни работи од клиничката фармакологија за големите научници по фармакологија од поранешна Југославија.
– Да не си дозволев повторно да студирам клиничка фармакологија, немаше ни да размислувам за луѓето што создале некој лек. Знаев дека луѓето од територијата на поранешна Југославија биле успешни во откривањето на многу супстанции, кои подоцна се користеа во фармацијата, но не мислев дека некои создале лекови што обележија цела ера – вели Дикиќ.
Тој го споменува пронаоѓачот на витаминот Ц, Алберт Сент Џорџ, кој бил роден во Војводина, а потоа, по посетата на Фармаколошкиот институт во Сегед, кој го носи неговото име, конечно утврдил дека тој е автохтон унгарски научник. Слично е и со двајцата нобеловци од Хрватска, Лавослав Ружичка (Нобеловата награда во 1939 година) и Владимир Прелог (Нобеловата награда во 1975 година), кои најголемиот успех го постигнале во Швајцарија. Нивното истражување го отворило патот за значајни откритија во фармацијата, но тие фактички не создале ниту еден лек. Првиот човек од ова поднебје што патентирал светски лек е Фрањо Кајфеж, чие откритие на „дијазепамот“ („апаурин“, 1964 г.) не само што му донело светска слава туку и големо богатство.
– И кога се чинеше дека никој не може да ѝ пријде на оваа група научници, го открив Ангел Симов, кој го направи „кафетинот“ во 1957 година. Повеќето не би го ставиле неговиот изум на исто ниво со работата на споменатите научници, но се чини дека неговиот лек е единствен токму поради тоа. Имено, тој не пронашол никаква супстанција, но успешно комбинирал четири супстанции и добил аналгетски ефект што никој го немал добиено дотогаш, а колку што следам ниту по него – пишува Дикиќ.
Според него, пристапот на Ангел Симов бил генијален. Имено, тој комбинирал еден нестероиден антиревматски лек – пропифеназон, еден опијатен аналгетик – кодеин, кофеин и „парацетамол“. Добиената комбинација веднаш ја покажала својата синергетска вредност, бидејќи набрзо станала најпродаваниот лек на фармацевтската компанија „Алкалоид“, а наедно и бренд по кој се препознава.
– Можеби затоа е спакуван во златна амбалажа. И не само „Алкалоид“ туку и целата македонска економија, бидејќи „кафетинот“ е еден од најсилните македонски извозни производи брендови. Доколку се поврзат сите ленти на „кафетин“ произведени од 1957 година, лентата би била долга речиси 180.000 километри, а вкупното количество би било повеќе од 5.000 тони. Ако се знае дека едно кафе во просек содржи 100 милиграма кофеин, тогаш само преку продажба на „кафетин“ биле дистрибуирани пет милиони кафиња. Но се чини дека најголемата пофалба за еден лек е набавката на нашите граѓани што живеат во странство, кои прават резерви, бидејќи не сакаат да го променат лекот на кој се навикнати и покрај огромниот избор на аналгетици во странство. Факт е дека така ќе остане уште долго ,бидејќи „кодеинот“ е на посебен режим во многу западни земји и никогаш нема да биде искористен во комбинација на лек каков што е „кафетинот“ – заклучува во својата колумна проф. д-р Ненад Дикиќ од универзитетот „Сингидунум“ во Белград, Србија.
Ангел Симов бил наследник на Георги Икономов, а го презел кормилото на компанијата во 1973 година, како човек што ќе ја продолжи дотогашната експанзија и афирмација на „Алкалоид“ во земјата и во странство. Претходно
Симов, како фармацевт, работел на повеќе раководни позиции во компанијата. Во периодот на неговото раководење се унапредува производството на фармацевтски производи.