Министерот за култура и туризам Зоран Љутков викендов присуствуваше на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, каде што на младенците, Стефана Димитрова и Даријан Кочоски, им го честиташе бракот со најубави желби за среќна иднина.
– Оваа манифестација игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет – рече министерот Љутков.
Тој ги потенцира свадбарските обичаи и ритуали, богатиот колорит на народните носии, изворните песни и автентичните ора на „Галичка свадба“, како едни од најавтентичните обичаи во македонскиот фолклор и нематеријално културно добро со огромно значење за државата.
„Галичката свадба“ е атрактивна манифестација што привлекува голем број домашни и странски гости. Свадбарските обичаи започнаа вчера со обредот „фрлање три пушки“ и со „виорење на свадбениот бајрак“. Вчеравечер националниот ансамбл „Танец“ имаше настап и го изведе „тешкото“ – препознатливото оро за печалбарскиот Галичник.
Галичник и оваа година со успех ја афирмира богатата и уникатна традиција на свадбарските обреди, кои продолжија на денот на венчавката на младенците во црквата во Галичник, а свеченоста заврши со испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, како финале на уште едно издание на единствената манифестација „Галичка свадба“.