Фото: Ка.М.

Карневалот „Прочка“ по 22-ри пат, и покрај променливото време, помина во одлична атмосфера, со групни и поединечни маски од Прилеп и други градови во земјава. Сепак, најбројни беа најмладите со бројните креации. Околу 500 учесници ја продолжија традицијата.

– Карневалот многу значи за нас. Шетавме од сабајле до 6 часот по сите касапски куќи. Оваа година сме околу 50 маски. Има интерес. Годинава има и многу млади деца – велат „Прилепските мечкари“, бренд на карневалот.

Убаво е што се одржува традицијата, ни рекоа од побројна карневалска група од Прилеп.

– Задоволни сме, убаво се претставивме – истакнаа младите од карневалската група од Пробиштип.

– Карневалот е големо духовно наследство, со него ги почитуваме традициите – порача Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Ванчо Ѓеорѓиев, организатор од здружението „Прилепски мечкари“, најави дека догодина карневалот пак ќе биде меѓународен.

Карневалот завршува со доделувањето на наградите за најуспешните, а утре, здружението „Прилепски мечакри“ организира ручек со познатото посно „Касапско гравче“, со што и официјално се означува почетокот на велигденските пости. Вечерва, пак, помладите ќе побараат прошка од повозрасните. Ка.М.