Фото: Пиксабеј

Езеро на Хаваи мистериозно стана светлорозово, а експертите изразуваат загриженост поради тој бизарен феномен. За оваа „чудна“ нијанса, научниците велат дека можеби е виновна сушата и предупредуваат дека луѓето никогаш не треба да влегуваат во водата или да ја користат за пиење.
Езерото, кое некогаш било богато со риби, сега изгледа како сцена од бајка или цртан филм, а се наоѓа во националниот резерват за диви животни Кеалија Понд.
– Водата од езерата во ова мочуриште на островот Мауи е обоена во светлорозова боја веројатно од 30 октомври бидејќи содржината на сол во водата се зголемила поради екстремната суша – велат властите.
Примероците од вода испратени до Универзитетот на Хаваи сугерираат дека халобактериите стојат зад новата боја на вода, според американската агенција за риби и диви животни.

Халобактериите се едноклеточни организми што напредуваат во многу солена вода, како што се Големо Солено Езеро и Мртво Море. Оваа бактерија се смета за таканаречен екстремофил поради нејзината способност да живее во толку екстремно опкружување, во овој случај соленоста на водата двојно поголема од нормалната.
Самиот резерват го носи името Кеалија Понд, што во превод значи „наталожена сол“, и укажува дека станува збор за терен што е богат со соли, но солите сега се уште позастапени поради екстремните суши што го зафатија островот Мауи. Околу 90 отсто од округот Мауи, кој вклучува и други блиски острови, моментално е погоден од една од најлошите суши досега во таа област.
Научниците проучуваат како ќе влијае глобалната климатска криза на Хаваите, но постои општо верување дека сушата ќе се влоши со зголемувањето на глобалните температури, дури и во тропските области, пишува „Скај њуз“.