По концертот на Горан Бреговиќ и „Леб и сол“ како предгрупа

Има музички групи и музичари што едноставно поминуваат низ вашиот живот онака безлично, млако, незабележително, иако направиле неколку албуми и не знам колку концерти. Но има и такви што остануваат засекогаш во вас, иако се трансформирале, реоформиле или престанале да работат. При самата помисла на нив ви доаѓа чувство на посебност, нешто што има трајни вредности, па ви е чест ако некогаш сте биле на нивен концерт. А пак ако сте биле на концерт на две такви групи во иста вечер, тогаш спаѓате во групата среќници.
Тоа се случи во Скопје на 23 март во салата „Јане Сандански“ во Аеродром. Среќниците што беа таму ја имаа честа да присуствуваат на два исклучителни настапа, оној на култните „Леб и сол“ и на Горан Бреговиќ со неговиот „Оркестар за свадби и погреби“. Две легенди заедно во живо. Првите свиреа без лидерот, идеен водач, композитор и текстописец Влатко Стефановски, но затоа ги имаа Кокан Димушевски и Гарабет Тавитијан и преостанатите двајца. Вторите беа без „Бијело дугме“, но затоа го имаа лидерот, идеен водач, композитор и текстописец Бреговиќ, кој зад себе го имаше својот оркестар составен од околу 20 музичари.
Публиката желна за своите миленици едвај го дочека почетокот на настанот. И почнаа да се редат песните од сите албуми, вклучувајќи го и последниот без Влатко, „И така натака“. Посебен печат остави „Учи ме мајко карај ме“ каде што вокал беше гласот на неколкуилјадната публика што вибрираше во македонскиот ритам. „Леб и сол“ настапија како предгрупа на Бреговиќ, кој се појави на бината заедно со целиот оркестар. Треба да се чуе тој звук, да се биде таму во живо за да се почувствува сета убавина на балканските звуци искомпонирани во неверојатно полетни песни. Се редат: „Калашњиков“, „Месечина“, „Едерлези“, „Чаје шукарије“, „Андерграунд чочек“, „Бум бум“, „Хоп, хоп, хоп“, „Маки“, „Тале 1-6“…, како и песните од последниот албум „Три писма од Сараево“. Првиот бис трае половина час, вториот – петнаесетина минути. Одличен концерт приреден во годината кога се одбележуваат јубилејни 50 години од основањето на легендарните „Бијело дугме“ и на само еден ден пред 74-от роденден на Горан Бреговиќ, најголемата рок-легенда на балканските простори. Славеничкиот концерт, како што рече Бреговиќ, беше организиран за да ги прослави заедно со македонската публика овие два убави повода – роденденот и јубилејот.
– Не носете подароци, вие сте мојот најголем роденденски подарок. Дојдете затоа што спектаклот нема да изостане и да – „ко не полуди, тај није нормалан“ – рече Брега во својата порака до македонската публика, која на 23 март имаше единствена можност во една вечер да ги слушне најголемите хитови на овој музички гениј. Љупчо Давчев