Мартин Буровски, уметник

Мартин Буровски (р.1998 година) од 2006 година до 2013 живеел во домот за деца без родители „СОС детско село“ во Скопје, каде што за првпат ја открил љубовта кон уметноста. Во 2014 година се запишува во Државното средно уметничко училиште во класата на Лира Грабул и Сузана Поп Икономова на Одделот за дизајн на облека и текстил, со костимографија. Паралелно го посетува ателјето на академскиот сликар Ставре Димитров–Стадим, каде што ги изучува сите жанрови на реализмот: портрет, пејзаж, мртва природа, цвеќе, цртеж со молив и јаглен, анатомски акт и други техники, како и лирската апстракција. Под негово менторство на само 16 години ја има првата самостојна изложба во „Пионерскиот дом Карпош“ во Скопје. Потоа добива стипендија од Светските обединети колеџи во Костарика. Престојува и во Русија, на островот Валаам, каде што ја изучува византиската манастирска сликарска школа на икони и фрески. По враќањето во 2020 година, по повод 20 години „СОС детско село“, ја има втората самостојна изложба. Во моментов е четврта година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Катедрата по сликарство во класата на Слободанка Стевческа, и го подготвува дипломскиот труд.
Израснат сте во „СОС детско село“. Како беше препознаен Вашиот талент и како еволуираше Вашиот творечки уметнички живот?
– Мојата прва задача во домот беше библиотекар, потоа пројавив желба за цртање на ќупчињата што ни ги подаруваа гостите што доаѓаа за новогодишните празници, потоа цртав честитки и така видов дека креативноста и рачните ракотворби се главната моја преокупација. Така беше додека не одлучив да се запишам во средното уметничко училиште. Среќен сум што во моментов ја подготвувам мојата нова самостојна изложба, со која ќе одбележам и ќе затворам цела една деценија посветена на сликарството, почнувајќи од 2014 година. Премногу сум среќен и исполнет кога ќе се завртам назад низ годините и ќе видам што сѐ сум создал. Сакам да напоменам дека имав огромна поддршка од неколку мои другари, меѓу кои е и светскиот првак во кикбокс Бобан Илиоски.

Можете ли да ни кажете што преовладува во Вашето творештво?
– Во моето творештво најчесто доминираат два правца, прво реализмот со примеси на импресионизам, а потоа и некои мали елементи на романтизмот што доминираат во финалните изведби. Првиот правец го напоменав бидејќи ја имав таа чест да бидам школуван во ателјето на нашиот академски сликар маестро Ставре Димитров–Стадим. Во неговото ателје поминав речиси цели шест години и ми ги предаде сите негови жанрови на рускиот социјалистички реализам, кој пред сѐ во себе ги носи сите класични елементи и принципи на сликарството.
Какви внатрешни микросветови најчесто рефлектирате на сликарското платно?
– Во моето творештво најмногу се рефлектираат пејзажот и пејзажните апстрактни заднини, врз кои после тоа се нанесени сите класични елементи и потоа, се разбира, доминираат и неколку мои лични индивидуални потези. Најчесто сум инспириран од импресионизмот и романтизмот, кои ја опишуваат целата лиричност на човековата душа, како во уметноста така и во литературата и во класичната музика. Моето творештво пред сѐ симболизира спој на многубројни потези на едно место. Всушност сите информации се земени од природата, се разбира пред сѐ пејзажот, портретот, мртвата природа, овошјето, зеленчукот, водата, небото…, како и натуралистичката апстракција.

Велите дека најсилно Ве инспирира музиката, па како ги претворате нотите во дела?
– Да, еден од главните феномени за тоа е дека додека сликам најчесто слушам класична музика и, секако, сум и редовен посетител на Македонската филхармонија и на Националната опера и балет речиси цели десет години. Секако ја сакам таа музика бидејќи опишува цела една епоха исполнета со емоција, разум, љубов и страст кон она што се создава. Особено омилени ми се композиторите на романтизмот и класицизмот. Ете, можам да наведам и неколку мои омилени композитори: Густав Малер Чајковски, Рахманинов… Најмногу ги сакам Втората и Осмата симфонија на Густав Малер, како и Мојсеевите оратори на ферманскиот романтичар Фридирих Брух.
Какви искуства собравте од манастирската сликарска школа во Русија?
– Во Русија на островот Валаам запознав еден монах и една монахиња, со кои, за жал, ги изгубивме контактите, но тие половина година несебично се вложуваа во мене и ми предадоа огромно искуство во однос на византиското сликарство. Научив премногу и за фрескописот и за иконописот, како и нешто повеќе за нашата македонска сликарска школа за икони, за критската и за руската школа.