Во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ-Скопје 1964 – 2024“ вечерва, во 19.30 часот. Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Изложбата е дел одбележувањето на шеесетгодишнината од основањето на музејот, кое ќе продолжи во текот на целата година со повеќе значајни настани, изложби и предавања, работилници.
Поставката проследува хронологија на настаните почнувајќи од 1963 година како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964 година, изградбата и отворањето на музејот во 1970 година, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници. Таа е обид, преку мапирање на голем број настани и нивниот визуелен комуникациски аспект да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ-Скопје во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста. На изложбата, покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, ќе биде претставен избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои се оние на: Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат…
– Во услови кога светот се соочува со драматичен развој, во современост во која постои опасност знаењето да се отфрла за сметка на вештините, а создавањето да биде засенето од сеопшта деструкција, не смееме да заборавиме на исклучителната важност на свесноста за историјата. Тоа е и одбрана на идејата за дејствување во едно широко компаративно поле на постојано критичко преиспитување на методите и критериумите, неопходно за ориентирањето во сегашноста и проектирањето на иднината. Веројатно затоа е неизбежно да се навраќаме на најбазичните прашања, за институционалната форма и општествената улога на културата, за архивите и документите наспроти фикционализација на стварноста. Во годината кога се одбележува шеесетгодишнината од формирањето на музејот, една од најзначајните национални институции во областа на културата и препознатлив симбол на светската солидарност, се обидуваме да ги лоцираме значајните координати на еден сон што стана опиплива реалност на еден процес на континуирано проектирање на современоста – велат кураторите Јанчевски и Варошанец.