ФОРУМ ВО СКОПЈЕ
Каков е потенцијалот на креативните индустрии за економскиот развој на регионот и што може да се постигне со вмрежување и соработка? Одговори на некои од овие прашања дадоа креативци, економисти, иноватори, универзитетски професори на 4. Форум за креативни индустрии, кој се одржа во Скопје, во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии во Скопје (УМПАКИ). Два трилиони долари вредат креативните индустрии во светот. Според податоците на Обединетите нации, за секој вложен долар, овој сектор враќа 2,5 американски долари. Каков е потенцијалот на креативните индустрии за економскиот развој на регионот и што може да се постигне со вмрежување и соработка?
Милан Лучиќ од Британскиот совет вели дека втора година по ред го поддржуваат УМПАКИ и ги поздрави поддршката на министерот за култура и туризам Зоран Љутков и определбата за поттикнување на овој сектор. Лучиќ со задоволство забележа дека платформата расте и се развива.
Алма Мрган-Слипчевиќ ода УНЕСКО рече дека Форумот е почеток на нешта што допрва ќе се случуваат во поддршката и развојот на креативните индустрии, а во проектот се вклучени 130 организации. Шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Џаин вели дека тие имаат силно чувство за иновации и им даваат поддршка на претприемачи за развој во ИТ-индустриите, модата и секторот на храна.
На Форумот беа презентирани и неколку инспиративни поединечни проекти, меѓу кои стрип-заедницата „Парагонс“, проектот базиран на ВИ „Рекреирање на иконите“, приказната за македонската видеоигра „Необичната приказна за Брајан Фишер“, како и Дигиталниот финансиски хаб при ИНОФЕИТ. Ана Илиќ го претстави проектот „Ложионица“ од Белград, Беноа Гарет го претстави „Базар.Кооп“ од Лил, Франција, Бранимир Жугиќ од Котор, Црна Гора, ја претстави реконструкцијата на стариот затвор, а Стефан Момиќ зборуваше за пренамената на старата печатница на „Нова Македонија“ во иновативниот простор „Лабораториум“ во Скопје, каде што се одржа Форумот.