Песни што ме тераат да играм
Кире е интересен скопски лик. Секогаш стои на страна, не се експонира, мирен и сталожен. Ги знаеше сите фаци од времето од кејот на Вардар и од тогашниот дом на млади „25 Мај“ (сегашен МКЦ). Имаше огромна колекција на плочи, касети, видеокасети, и тоа голем дел купен од странство. Ставаше 50 долари во плик и ги праќаше директно во издавачките куќи во странство, претежно во Лондон. Голем дел новитети, особено од хард, хеви, рок-музиката, ги имаше прв во Скопје. Подоцна се поврза со Сокол, гитаристот на групата „Карамела“, кој пак ја имаше најголемата колекција на видеокасети на рок-музика во цела поранешна Југославија. Сокол снимаше и видео и аудио, а Киро продаваше. Кире е она бушавото, полничко момче, кое меѓу првите продаваше касети на кејот, пред Машински и пред Градежен факултет.
Еден ден доаѓа Киро кај мене дома и носи видеокасета: „Пушти ја“, ми вели. Ја пуштам и сосема се стаписувам во наредните деведесетина минути. Тоа беше концертот на Лори Андерсен, кој не е оној тип на концерт каде што гледаш тапани, гитари, солисти. Не, ова е нешто сосема различно. Таа е пионер на таа тогаш сѐ уште нова мултимедиумска уметност за изведба и инсталација и на овој неверојатно конципиран концерт меѓу другите теми ја изведува и „O Superman“ од својот деби-албум „Big Science“ од 1982 г. Таа на овој, но и на сите свои концерти, користи различни светлосни ефекти, вокодер и американски знаковен јазик, додека носи ракавици, очила за сонце и елек. Често го менува сопствениот глас додека раскажува приказни, често раскажувајќи ги своите мисли со помош на разни помагала, костими, осветлување… Нешто што мора да се види и доживее, празник за сите сетила. Родена е во 1947 г. во Илиноис, САД, студира класична виолина. Истражува на повеќе нивоа и на различни начини и нејзините истражувања ги вклопува во една целина што е сосема различна од сѐ што претходно било видено и чуено.
Со текот на времето станува икона на авангардното. Во 1990-тите се запознава со Лу Рид и оттогаш се заедно. Две неверојатни големи и влијателни имиња на светската сцена.
Во тој период нешто чудно почна да се случува со наш Кире. Обично доаѓаше на кејот или во домот на млади со плочи спакувани во ќеса, но убаво и темелно зачувани. Таму некаде во 1993 г. почна да зборува дека е болен, дека умира, уште неколку дена му останале и некои такви чудни работи, нешто што не го правеше никогаш порано. Па, одеше по доктори, кои му правеа целосен преглед, и откако не му најдоа ништо, Кире велеше: „Што доктори ќе беа, мене сѐ ме боли, а тие не наоѓаат ништо“. Почнавме да го зафркаваме: „Уште колку дена, Киро“, а тој: „Уште десет“. И така си течеше времето. Во 2008 г. Киро не го видовме неколку месеци, не се јавуваше на телефон, а дома не сакаше да нѐ прими. Само од вратата ќе речеше: „Оставете ме, умирам“. И толку. Е, ама таа 2008 г. Лу Рид и Лори Андерсон стапуваат официјално во брак. И тогаш ја дознавме болеста на Киро, тој да ти бил тајно несреќно вљубен во Лори и тоа го криел длабоко во себе. Киро тешко го надмина тоа, но по некое време почна повторно да се појавува, иако го немаше оној карактеристичен жив дух во него. Доаѓа 2013 г., тоа е годината во која Лу Рид го напушти овоземскиот свет, и додека цел рокерски свет тагуваше, Киро цела недела славеше. Тоа беа денови за паметење, сѐ уште се испреплетуваат легенди за тој период, дури и сакаше да оди за Њујорк да ја бара Лори. Сепак ништо не се случи, Киро е сѐ уште во Скопје во некој свој свет и сѐ уште слуша секојдневно дел од неверојатната дискографска колекција на прекрасната музика на Лори, почнувајќи од „United States“, „Big science“, „Home of the Brave“,до последните два албума „Heart of the Dog“ и „Landfall“.
Љупчо Давчев