Чуварот на музејот посветен на Борис Елцин во Москва, од здодевност му доцртал очи на уметничкото дело „Три фигури“ на уметницата Ана Лепорскаја. Кога посетителите утредента ја погледнале скапоцената слика, која датира од 1930 година, не можеле да поверуваат, бидејќи на ликовите им се појавиле очи.
Според весникот „Москва тајмс“, чуварот на музејот само сакал „да го поправи недостатокот на сликата“, иако токму во тоа е посебноста на ова уметничко дело.
Весникот додава дека момчето го направило тоа во текот на својот прв работен ден, а осквернавеното дело е осигурено на 75 милиони рубли. Веднаш по откривањето на инцидентот, сликата е отстранета и дадена на реставрација. За среќа, чуварот „уметник“ не го притискал моливот на сликата, па штетата може да се отстрани, но постапката ќе чини 2.800 долари.
Чуварот е отпуштен и ќе биде казнет, но има дискусии околу висината, бидејќи полицијата не дозволила да се поведе кривична постапка, а Министерството за култура по оваа одлука најави жалба до обвинителството.