Интернет-апликацијата „ЧетГПТ“ на калифорниската компанија „ОпенАИ“, која се занимава со развој на вештачка интелигенција, е најбрзорастечката апликација во историјата, објави „Јаху фајнанс“. Според студијата на компанијата за инвестициско банкарство УБС, апликацијата „ЧетГПТ“ имала 13 милиони единствени посетители дневно во јануари 2023 година, што е двојно повеќе од бројот на посетители во декември минатата година. „ЧетГПТ“ постои околу два месеца и веќе има 100 милиони месечни корисници, според податоците од студијата.
Студијата, која цитира податоци од аналитичката компанија „Симиларвеб“, ја позиционира „ЧетГПТ“ наспроти другите брзорастечки апликации како што се Тикток и Инстаграм. За споредба, на Тикток му беа потребни девет месеци да достигне 100 милиони месечни активни корисници, додека на Инстаграм му беа потребни две и пол години.
– За 20 години следење на интернет-просторот, не можеме да најдеме пример за побрз раст меѓу потрошувачките интернет-апликации – пишуваат аналитичарите на УБС.