Во минатото Чебренскиот манастир бил доста познат по своето училиште и богатата библиотека. Манастирот низ историјата повеќепати бил обновуван поради честите опожарувања, грабежи и разурнувања. Постои податок дека за време на Првата светска војна биле урнати четири објекти што веројатно биле конаци, една плевна, казанџилница, четири амбари, две воденици, како и црквата „Вознесение Христово“. Во рамките на манастирот влегуваат две цркви, конак и амбар. Зачувани се и остатоци од конаци северозападно и западно од црквата, како и делови од оградниот ѕид на манастирот
Знаменитостите на Македонија
Манастирот се наоѓа во Скочивирската Клисура, во рамките на второто предградие на средновековниот град Чебрен, на десниот брег на Црна Река. Тој се наоѓа кај археолошкото наоѓалиште Тумба Чебрен, на издвоена вулканска купа (тумба), на околу 140 м над реката и недалеку од селото Зовиќ. Чебренскиот манастир потекнува од првата половина на 15 век, време во кое Македонија потпаднала под отоманска власт. Во 1530-тите години под надлежност на Охридската архиепископија имало 33 епархии, од кои на територијата на Македонија имало 12 епархии. Манастирот најверојатно ѝ припаѓал на битолската или на пелагониската епархија. Во цутот на развојот, во сопственост на манастирот влегувале воденици со 12 воденички камења, многу стока (овци, кози и крупен добиток), како и ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта. Во 18 век манастирот имал свое ќелијно училиште во кое се учело на старословенски јазик, а во него се подготвувале свештеници што вршеле служба по црквите низ областа Мариово. Манастирот бил многу развиен сè до првите декади на 20 век.
Манастирот низ историјата повеќепати бил обновуван поради честите опожарувања, грабежи и разурнувања. Постои податок дека за време на Првата светска војна биле урнати четири објекти, кои веројатно биле конаци, една плевна, казанџилница, четири амбари, две воденици, како и црквата „Вознесение Христово“. Во рамките на манастирот влегуваат две цркви, конак и амбар. Зачувани се и остатоци од конаци северозападно и западно од црквата, како и делови од оградниот ѕид на манастирот.
Влезната порта е изградена од прецизно обликуван делкан камен. Во источниот дел од оградниот ѕид е насликано украсување што потекнува од 1879 година. На камениот ѕид над влезната порта има малтерисана површина со правоаголен облик на која има три ниши. Нишата насреде е поголема од страничните. Во неа има фреска на која е живописан Свети Димитриј на коњ во одбрана на градот Солун. Тој е претставен во војнички панцир со развиорена наметка и качен на црвен коњ. Во десната рака држи копје, а во левата уздите на коњот. Заднината на фреската содржи дел од архитектурата на Солун, односно одбранбен ѕид и веројатно црквата „Св. Димитриј“ во Солун, а на небото е прикажано сонце. Околу надворешните рабови нишата е украсена со ритмичко цветно украсување во светлосина боја. Истото украсување се јавува и кај страничните ниши.
Во јужната ниша има фреска на која е прикажан Архангел Михаил како држи меч во десната и отворен свиток во левата рака. Текстот на фреската е испишан со старословенски букви. Во северната ниша има фреска на која е насликан Архангел Гаврил со перо во десната и отворен свиток во левата рака. Основната боја на оваа ниша е ултрамарин. Текстот исто така е испишан со старословенски букви. Од внатрешната страна на лаковите кај сите три ниши има растително (цветно) украсување. Над бордурата околу страничните ниши е насликан по еден цветен мотив со виолетово-црвена боја. Меѓу средната и јужната ниша на рамната ѕидна површина е испишана годината на живописувањето, т.е. 1879 година, а се среќаваат и остатоци од имињата на дарителите.
Главната манастирска црква му е посветена на Свети Димитриј. Во минатото таа била доста богата и голема црква, а денес е обновена со помали димензии и сè уште се видливи темелите на стариот храм. Нејзиниот иконостас потекнува од 15 век, а бил обновен во 19 век. Од првобитната градба, која била трибродна базилика, зачувана е средишната длабока апсида, која била обновена над рановизантиската во 14 век, со димензии од 2,4 м и дел од источниот ѕид.
Црква „Вознесение Христово“
Црквата „Вознесение Христово“ се наоѓа во близината на манастирскиот комплекс и е изградена на карпест предел. Таа е мала еднокорабна црква, со димензии 6,30 х 4,30 м и висина од 2,80 м, а има полукружна апсида на источната страна. Градена е од делкан камен и кал, а од надворешната страна со фугован варов малтер. Внатрешноста е поделена со дрвена олтарна преграда на два дела. Сите четири ѕида од наосот и олтарниот простор се фрескоживописани. Според сознанијата и стручната литература, фреските потекнуваат од 16 век, а зачувани се на површина од 60 квадратни метри.
Со археолошките истражувања спроведени на просторот на манастирот е утврдено дека во доцната антика била изградена тврдина со слични димензии, а во пониските делови на југ започнала да се развива населба што била опфатена со истиот одбранбен ѕид (обѕидие). Просторот бил обѕидан наоколу и зајакнат со повеќе кули. Врз основа на остатоците е добиена информација дека имало планско градско оформување со големина од 5 ха. Во средишниот дел на населбата бил изграден базиликален храм веројатно во 5-6 век, чии темели и мермерни делови се среќаваат и денес околу средновековната црква. Мермерните делови веројатно се столбови од мермерна иконостасна преграда, но постојат и остатоци од столбови, капители и основи изработени од камен што веројатно потекнуваат од наосот на базиликата. Д.Ст.