„Трага во бескрајот“ е голем проект во сеќавање на Оливер Драгоевиќ, замислен како низа од настани што ќе нѐ потсетат на вечната трага што Оливер Драгоевиќ им ја остави во наследство на генерации свои обожаватели во регионот, но и во светот. Концертот ќе се одржи на 29 јули, со почеток во 22 часот, на платото пред црквата „Свети Јосип“ во Вела Лука, родното место на Оливер. Ќе настапат: Џибони, „Дупини“, Зорица Конџа, Џело Јусиќ, Марко Тоља, Тедо Спалато, Антонио Серано, „Клапа Ошјак“… Со оркестарот ќе диригира маестро Алан Бјелински, а музички продуцент е Анте Гело. Концертот директно ќе се пренесува на програмата на националната телевизија ХРТ2, како и на Хрватското национално радио.
Пејачите, негови колеги и пријатели, ќе ги пеат најубавите песни на Оливер, како: „Цесарица“, „Галеб“, „Траг у бескрају“, „Кад ми доѓеш ти“… и многу други. Организатор е Општина Вела Лука, заедно со Центарот за култура и туристичката заедница на градот, здружението „Лушко лето“, а целта е со овој настан да се одбележи убавината на музичкото творештво на Драгоевиќ.
Исто така на 27 јули ќе биде отворена и изложбата „Оливер во објективот на Ливио Андријиќ“, што ќе се одржи во атриумот на Центарот за култура, а на 29 јули ќе биде положено цвеќе на неговото вечно почивалиште, по повод тригодишнината од неговото заминување.