Македонската телевизија го промовира спотот за песната „Green forces“, кој го изработи продукцијата „Вертоиго вижуалс“, со кој Кристина, Анастасија, Миха и Филип од популарната детска серија „Дајте музика“ ќе нѐ претставуваат на годинашниот „Детски евросонг“.
Деветнаесеттото издание на фестивалот ќе се одржи на 19 декември, во Париз, во спектакуларната концертна сала „Ла сен музикале“, а директно ќе се пренесува на програмата на Македонската телевизија, која е носител на лиценцата за овој избор.
Пораката што младите пејачи ја испраќаат до децата и возрасните во светот е да се зачува планетата од климатските промени и од сите други опасности што се закануваат на глобално ниво, бидејќи таа е нашиот единствен дом.
Автор на музиката е познатиот пејач и композитор Роберт Билбилов, додека пак текстот го напиша Робин Зимбаков. Песната ќе се пее на македонски и на англиски јазик.
Според Раде Спасовски, шеф на делегацијата на МРТ за претстојниот „Детски евросонг“, МРТ ќе направи сѐ на 19 декември да се претставиме во најдобро светло. Во тек се пробите за сценскиот настап и последните подготовки за патувањето. Според него, важно е што децата имаат сценско искуство, знаат да пеат, да глумат и да танцуваат, што, секако, е предност за живиот настап.

Идејата со оваа песна да се претставиме на „Детскиот евросонг“ оваа година се роди во мај, кога од Роберт Билбилов ја добиевме оваа песна за да се искористи во серијата. Но на сите многу им се допадна, пред сѐ на децата, и одлучивме да ја зачуваме. Бидејќи сакавме со настапот на Кристина, Анастасија, Миха и Филип да испратиме порака до светот, одлучивме тоа да биде апел да се зачува планетата од загадувањето – вели Цаци Паковска, предводничка на проектот.
Четворицата тинејџери се дел од тимот од околу триесетина талентирани деца што учествуваат во снимањето на ТВ-серијата „Дајте музика“, која е продолжение на истоимената серија за деца од пред дваесетина години на истата телевизија. Тие велат дека немаат трема и се радуваат на скорашното патувањето во француската метропола. Тие открија и дека снимањето на претходните две сезони и на третата, која ја реализираа летово, многу ги променило и оти за нив ова е едно скапоцено и незаборавно искуство.
Инаку, „Дајте музика“ е партнерски проект на МРТ и на продукцијата „Рифенштал“. М.