По вторпат во пет години, „оскарите“ завршија со масовна конфузија. Иако овојпат не беа згрешени пликоата со номинации како во 2017 година, многумина сметаат дека номинациите завршија полошо од серијата „Игра на тронови“, пренесува „Тајм“.

Годинашното емитување на церемонијата се соочи со голем број предизвици и измени. Организаторите имаа желба вечерта на доделувањето да изгледа филмски, но резултатот беше налик мешавина од „Златен глобус“ и затворањето на исцрпувачка и долга конвенција. Победниците се искачуваа на мала бина, додека водителите често зборуваа и седеа покрај номинираните и публиката. Убава промена беше и тоа што  номинираните беа опкружени само од оние кои всушност навистина им се блиски и драги. Шоуто повторно беше без домаќин, веќе трета година по ред.

Церемонијата мораше да ја прослави филмската индустрија, која веќе минуваше низ големи промени дури и пред ковид-пандемијата целосно да ја собори на колена. Иако на церемонијата имаше моќни говори, малубројната публика, социјалното дистанцирање и квалитетот на звукот беа она што ја правеше просторијата акустично и емоционално мртва.

И покрај чудната атмосфера, победниците дадоа сѐ од себе да внесат живост и емоции во церемонијата. Миа Нил, прифаќајќи ја наградата за шминка за „Ма Рејни: Мајка на блузот“, се присети на искуствата на нејзиниот дедо. Томас Винтерберг, режисер и меѓународен филмски победник за „Друга рунда“ ѝ оддаде емотивен поздрав на неговата ќерка Ида, која загина во автомобилска несреќа за време на снимањето. Јух-Јунг Јун, победничката за споредна актерка во „Минари“, беше главниот хуморист оваа година.

Потоа следуваше едно големо изненадување, односно одлуката за презентација на најдобар филм пред прогласувањето на најдобрите актер и актерка. Најдобар филм секако беше „Номадленд“, а Франсис Мекдорманд победи во категоријата најдобра актерка. Таа потоа изведе импровизирано завивање.

Поради отсуството на Ентони Хопкинс, кој беше избран за најдобар актер, шоуто заврши со зачудувачки антиклимакс. Обожавателите зад малите екрани останаа збунети и вчудоневидени, како и согласни дека оскарите годинава беа налик на дебаклот кој се случи во 2017 година, заклучува „Тајм“.