Во периодов имаме изобилство од врнежи од дожд, кои придонесуваат сите водотеци во земјава добро да се наполнат, некои дури и се прелеваат, а акумулациите се над максималната кота. Во тој поглед не е исклучок ниту егзотичната Крапска Река, која извира над селото Крапа, Порече, и која по извесна должина од својот извор понира, а потоа по неколку километри подземен тек повторно излегува на површината на местото каде што се наоѓа пештерата Пешна. За разлика од претходните години, пролетва поради добрата хидрологија реката како вистински вулкан излегува на површината, а нејзините пенливи води се вистинска атракција за посетителите.

– Во текот на годината количеството вода во Крапска Река е променливо и во потоплите месеци кога доаѓа сушен период опаѓа речиси на минимум. Но деновиве, оваа понорница е вистински празник за очи бидејќи поради притисокот на надојдените води и топењето на снегот на планинските врвови, таа е пенлива и многу атрактивна за гледање, иако и без тоа е природна реткост на нашиве простори. Така, посетителите во еден миг можат да ја посетат пештерата и истовремено да уживаат во неповторливата глетка што ја создава природата на изворот на реката, уживајќи во оваа глетка – велат Марјан и Тони, жители од овој крај, кои ги затекнавме на извориштето на реката кај пештерата со најголемо окно на Балканот.