Меган Маркл и принцот Хари им доставувале оброци на ранливите луѓе во западен Холивуд во близина на Лос Анџелес, според тврдењата на очевидци, пренесува „Експрес“.

Локалниот жител Ден Тајрел изјави дека утрово кога ја отвори вратата кон неговата зграда во Западен Холивуд, видел две многу познати лица. Тој очекувал да добие едноставен оброк од проектот „Ејнџл фуд“, меѓутоа, тоа се претворило во кралско искуство за Тајрел, бидејќи Меган и принцот Хари се појавиле на неговиот праг како волонтери.

– Тие беа убави и приземни луѓе. Носеа маски и беа облечени во фармерки, но многу убави фармерки. Високиот човек со црвена коса ми изгледаше многу познат, а девојката многу убава. Потоа ги видов големите црни теренски автомобили со чувари зад нив – вели Тајрел.

„Да ми се најавеа, ќе ја носев мојата тијара“ се пошегува Тајрел.

Меган и Хари наводно го искористиле утрото да им помогнат на проектот „Ејнџл фуд за доставување на основни производи на оние кои живеат со критични заболувања, вклучувајќи ХИВ, СИДА, карцином, со болни бубрези, дијабетес и со срцева слабост.

Поголемиот дел од нив се на возраст над 60 години и живеат со компромитиран имунолошки систем, поради што спаѓаат категорија со висок ризик за заразата на коронавирус.

Проектот „Ејнџл фуд“ се обидува да продолжи со испорака на храна и за време на пандемијата, но има поголема побарувачка за снабдување со оброци. А се соочува и со откажувањето на дел од доброволците.

Извршниот директор на проектот, Ричард Ајоуб изјави дека е воодушевен од подготвеноста на Меган и Хари да волонтираат.

– Тие сакаа да ни помогнат да ослободиме дел од возачите од работа. Поради тоа, денес тие направија испораки во Западен Холивуд – вели тој.