Ким Кардашијан Вест, иако колку што има обожаватели има и луѓе што не можат да ја поднесат, има многу големо влијание на жените, особено кога станува збор за изборот на бикини

„Лист“, глобалната модна платформа за пребарување, објави листа на највлијателните дами во светот кога станува збор за купување бикини и костими за капење. Ким Кардашијан Вест, иако колку што има обожаватели има и луѓе што не можат да ја поднесат, има многу големо влијание на жените, особено кога станува збор за изборот на бикини. На листата на „Лист“ за највлијателни интернет-лица за бикини за 2018 година, која ја објавија минатата недела, се најдоа Ким Кардашијан, Ешли Греам, Ники Минаж, Бела Хадид и Емили Ратајковски.
Се чини дека сѐ што носи Ким Кардашијан на плажа ги инспирира и другите дами да бараат слични или исти модели.
„Лист“ на корисниците им нуди можност за пребарување модни парчиња што можат да се купат во различни продавници и собира информации од пребарувањето на корисниците за да се предвидат трендовите.

– На „Лист“ непрекинливо ги следиме податоците за да откриеме која меѓународна ѕвезда влијае на глобалното пребарување и продажба – пишува на страницата.
Специфичниот розов костим за капење на Ким, кој го носеше во април, резултирал со интензивно пребарување на слични модели за 109 проценти. На истиот одмор таа носеше неколку други костими за капење, вклучувајќи ги и црвените бикини со логото на брендот „Шанел“. Кога Ким објавила фотографија на Инстаграм со бикини „шанел“, истиот месец, беа забележани повеќе од 17.000 пребарувања за терминот „шанел-бикини“ на модната платформа, информираат од „Лист“. На второто место се најде најславната плус сајз-убавица Ешли Греам, која на својот инстаграм-профил им се заблагодари на неколку компании за костими за капење, и за 24 часа имало илјадници пребарувања под терминот „костимот за капење на Ешли“. Минатиот месец таа носеше бел костим за капење со врвки, па дамите пребарувале слични модели.

Во меѓувреме, 35-годишната Ники Минај го зазеде третото место на листата на најмоќни интернет-лица за бикини. Иако таа ретко објавува фотографии од Инстаграм во костим за капење, многу жени го пребаруваат црвениот костим „норма камали“, кој Ники го носела во 2016 година. Едноделниот костим за капење на брендот „Мошино“, кој Ники го носеше во спотот на песната „Feeling Myself“ исто така е голем хит и ден-денес.
Една од најпопуларните девојки на денешницата, Бела Хадид, често може да се види во бикини и нејзиното влијание врз жените е големо.
А листата ја затвора славната манекенка и кралицата на бикинито, Емили Ратајковски, која веќе неколку години е најбараната моделка за костими за капење и за долна облека.