По три години обемни истражувања и многубројни снимања во регионот, авторско-режисерската двојка Бојан Хаџиабдиќ и Зоран Кубура ја заврши работата на еден од најочекуваните документарци на просторот на некогашна Југославија, филмот „Индекси“.
– На почетокот стравуваме дали ќе успееме да опфатиме сѐ што им се случувало на членовите од групата во текот на 40 години, а потоа како што течеше работата се фасциниравме и вљубувавме во нивната музика и во ликовите на тие единствени музичари. Таа страст нѐ водеше низ неброени лавиринти во нивната кариера и животи, а истовремено нѐ поттикнуваше да ја вложиме целата можна енергија во приказната. Бевме свесни дека документарецот треба да биде автентично, искрено и сеопфатно сведоштво за некои минати времиња и за големите уметници што засекогаш ќе бидат запаметени – велат авторите.

Бојан Хаџиабдиќ и Зоран Кубура снимиле повеќе од 50 часа оригинален материјал за филмот што трае 108 минути и во кој за „Индекси“, освен членовите на групата, зборуваат: Горан Бреговиќ, Јосипа Лисац, поетот Мишо Мариќ, Маја Перфиљева, Абдулах Сидран и голем број други познати музичари и новинари од регионот. Косистени се и стотици фотографии и архивски материјал во кој има и досега необјавени снимки.

Завршната нота на филмот „Индекси“ му ја дава тонскиот продуцент на Музичката продукција на БХРТ, Аднан Мушановиќ, кој деновиве ја завршува мастеризацијата на звукот. И со тоа, како што велат авторите, оваа грандиозна музичка приказна ќе добие заслужен печат.
Освен целовечерен филм, ќе има и серија од пет епизоди, која БХРТ ќе ја емитува следната година. Први во Босна и Херцеговина филмот ќе го видат жителите на Зеница. Тој ќе се емитува на фестивалот на музички документарни филмови „Зона музика“.