Оперската куќа во Сиднеј со трогателна порака им оддаде почит на австралиските пожарникари во текот на изминатиот викенд. Неколку часови во саботата навечер, центарот за изведувачки уметности ги осветлуваше своите препознатливи едра со слики на пожарникари кои се борат со пожарите низ целата земја. На една од сликите имаше рачно нацртан и напишан знак во облик на срце и гласеше „пожарникари ви благодариме“.

– Сакаме да испратиме порака за надеж и сила, и најважно да им се заблагодариме на службите за итни случаи и волонтерите за нивните неверојатни напори и храброст – соопшти оперската куќа на Твитер.

Австралија ја доживува најлошата сезона на пожари во својата историја. Најмалку 27 лица, вклучително и волонтерски пожарникари, загинаа откако започна сезоната на пожари кон крајот на јули, повеќе од 2.000 домови се уништени или оштетени, а цели градови беа присилени да се евакуираат.

Оперската куќа Сиднеј, исто така соопшти дека во март ќе биде домаќин на гала фестивал на комедија со цел за прибирање на финансиски средства за да им помогне на заедниците погодени од пожарите.