В сабота ќе го проследиме концертот на Емели Санде од 2015 година, еден од најемотивните во фестивалската историја

Пред една година, поточно на 19 март, со емитувањето на дотогаш необјавениот легендарен настап на групата „Феитлес“ на главната бина на фестивалот „Егзит“,беше лансирана специјалната онлајн програма на фестивалот „Егзит ТВ“, чија цел беше со снимките од многубројните настапи на Петроварадинската тврдина во Нови Сад да им се олесни принуденоста на сите, а пред сѐ на младите, да останат дома за време на вонредната состојба. Тогаш ретко кој претпоставуваше дека една година подоцна сѐ уште ќе постои истата потребата за поддршка на менталното здравје на младите, кои се најмногу погодени од скратената можност за дружење на концертите и фестивалите.
Во име на таа цел, а во пресрет на одбележувањето на 20-годишнината на „Егзит“, лансирана е нова серија на премиерни емитувања на настапите што ја обележија историјата на најголемиот и најнаградуван фестивал во регионов, кој веќе се вбројува меѓу водечките светски фестивали.
Првиот настап во новата сезона, в сабота, ќе ѝ припадне на соул-дивата со неверојатни вокални способности Емели Санде, чие отворање на „Егзит 2015“ на многумина им остана во сеќавање како еден од најемотивните настапи во фестивалската историја.

Веќе следната сабота пристигнува настапот на британскиот драменбејс-состав „Бед компани УК“ од 2017 година на главната бина, додека 10 април нѐ води на Денс-арената во 2018 година, преку емитувањето на специјалниот бек-ту-бек сет на најпознатата брачна двојка во електронската музика Адам Бејер и Ида Енгберг. Настапот на „Скрилекс“ од 2014 г., кој е планиран за 17 април, ќе ги потсети сите гледачи зошто овој млад музичар важи за една од најголемите светски ѕвезди, а 24 април е резервиран за емитување на настапот на хипхоп-ѕвездата Френч Монтана.
Големата прослава на 20-годишнината на „Егзит“ ќе се одржи од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина, а своите настапи веќе ги потврдија некои од најголемите светски и регионални имиња, како што се: Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Пол Калкбренер, Тајга, Ерик Приц б2б Фоур Тет, Нина Кравиц, Борис Брејча, Шек Вес, Соломун, Пол ван Дајк, Сепултура, Метрономи, Дакс Џеј, Лајбах и многу.