Преставничките на Србија, Косово, Црна Гора и на Албанија (од лево кон десно) позираат со симболот за албанскиот двоглав орел

Фотографиите на кои учесничките на изборот за убавина „Мис Интерконтинентал“ позираат со прекрстени раце симболизирајќи го албанскиот двоглав орел, а потоа и со подигнати три прста со кои се идентификуваат Србите, предизвикаа големо незадоволство во јавноста.

Неизвесно е учеството на изборот на Србинката Валентина Петровиќ откако таа побара да го напушти натпреварувањето по соочувањето со острите критики од српските медиуми и јавноста, но и со закани.

Претставничката на Србија се извини набргу по објавувањето на фотографијата, на која таа заедно со убавиците од Косово, Албанија и од Црна Гора го покажуваше симболот за албанскиот двоглав орел. Петровиќ на Инстаграм напиша дека „немала лоша намера“ и оти позирањето се должи на „моментна непромисленост и глупава спонтаност“.

– Сакам да им се извинам на припадниците на мојата нација, на луѓето од Косово и Метохија, на мојата компанија, на моето семејство. Многу, многу ми е жал, и затоа, покрај длабокото извинување, донесов одлука да побарам дозвола од организаторите да го напуштам натпреварот и со тоа да си го олеснам сегашниот притисок што го носам – порача Петровиќ, чиј инстаграм-профил во меѓувреме беше изгаснат.

Српските таблоиди ја оценија фотографијата како скандалозна и шокантна, пишувајќи оти ја вџашила Србија, додека белградска „Политика“ објави дека фотографијата „со право ги запалила социјалните мрежи“.

Петровиќ се правдаше дека преостанатите девојки со кои се сликала „ покажале како да ги намести рацете“, додека претставничката на Албанија Фронтина Гаши изјави оти никој не ја принудил српската убавица да позира на тој начин.

По првата фотографија со албанскиот симбол, се појави и втора на која мисиците од Србија, Косово и Албанија позираат со подигнати три прста. Гаши наведува дека го сториле тоа на молба на Србинката, бидејќи им било жал за неа, односно сакале да ѝ помогнат по критиките со кои се соочила.

Модната агенција која ја испрати Петровиќ на изборот што утре треба да се одржи во Шарм ел Шеик, Египет, исто така најави повлекување на српската претставничка, со што нејзиното учество е доведено во прашање, иако дел од српските медиуми веќе пренесуваат дека „бурата стивнува“.

Фотографијата на која мисиците од Србија, Косово и Албанија држат кренати три прста