Деновиве излезе водичот „Марковите Кули и Варош“, кој претставува продолжување на соработката на Кирил Котески и археологог Душко Темелкоски од прилепскиот музеј. Коавтор е Мимоза Христоска, историчарка на уметноста од прилепскиот музеј.
Во водичот низ пригоден текст и фотографии е претставено богатото културното наследство од предисторија до средниот век што го нудат Маркови Кули и денешната населба Варош.
Утврдувањето на карпестиот рид, кој се издигнува над градот, е формирано уште во античкомакедонскиот период, а својот зенит го има за време на легендарниот средновековен крал Марко, кога според својата површина било петто по големина на Балканот. Од друга страна, Варош е препознатлив како духовен христијански центар, кој се развива пред околу 1.000 години и, покрај Охрид, е простор со најголем број византиски цркви кај нас. Издавањето на брошурата е иницирано врз основа на тоа што посетителите во градот во продажниот објект на Котески, особено оние од надвор, редовно бараат ваков тип популарна информативна публикација за прилепското културно наследство. И овој водич е двојазичен, а преводот на англиски е на Центарот за странски јазици „Сити Кембриџ“ – вели археологот Душко Темелкоски.
Водичот претставува уште една иницијатива на Котески по првиот водич „Античкото богатство на Прилепскиот Регион“. Ка.М.