Ликот на Исус на 9.675 обоени коцки

Пане Хаџи-Василев важи за исклучително талентиран млад уметник со неверојатна имагинација и иновативност во создавањето на неговите дела за кои многу често користи необични материјали. Прехрамбените продукти кои секојдневно ги имаме во чинијата многу често се негова инспирација со мали ликовни интервенции за создавање на необични дела, а негова е и идејата да слика мали минијатури на зрно грозје.

За големиот христијански празник Велигден пред неколку години тој го направи делото инспирирано од музичкото дело на Вивалди „Четири годишни времиња“ во кое користеше велогденски јајца .Годинава направи нешто сосема ново.

– Моето ново дело иако е дигитално на програма која се користи за математика и финансиски анализи решив да направам забавна слика обојувајќи дури 9.675 коцки. Всушност сакав да направам слика со мала резолуција, а сепак да ги истакнам големите и главните елементи што ги содржи фотографијата. Ликот на Исус од мали коцки за мене претставува успех и се надевам дека ќе биде почеток за да продолжам да правам вакви слики, не само дигитално, туку и на хартија со поголеми демензии, кои ќе ги изложам на една моја самостојна изложба – вели Хаџи-Василев.

Тој моментно студира мода и дизајн на универзитетот ФОН, и бидејќи е трета година цртањето и креирањето на необични цртежи за него ќе бидат преокупација уште една година, по што целосно се посветува на неговата професија моден дизајнер. Понатамошното усовршување планира да го продолжи во странство и да напредува за да може подостојно да ја претставува Македонија и нејзините убавини. Ми.М.