Фото: Игор Бансколиев

Во релативно краток временски интервал се појавија серија нонпејпери што тангираат важни прашања и проблеми на Балканот, а кои се однесуваат и на Македонија. Кои се целта и заднината на овие нонпејпери, како неформална алатка во политиката и дипломатијата. Повеќе од јасно е дека преку овие документи некои центри на моќ и влијателни меѓународни фактори повторно се обидуваат да ја моделираат, кројат и прекројуваат судбината на регионот, вклучувајќи и на Македонија. Тоа во минатото никогаш не ѝ донело ништо добро на нашата држава

НАПИВ НА НЕФОРМАЛНИ ДОКУМЕНТИ ЗА МАКЕДОНИЈА И РЕГИОНОТ КАКО ПЕЧУРКИ ПО ДОЖД

Поплавата од нонпејпери во земјите од регионот е само потврда дека наспроти стандардната дипломатија веќе извесен период на овие простори се тестираат и разни други неформални инструменти, како своевидни пробни балони преку кои се бара решение за нерешените прашања и проблеми на Балканот.
Уште во ноември минатата година во екот на преговорите меѓу Македонија и Бугарија се појави наводен германски нонпејпер, кој првично официјална Софија го прифатила, но подоцна се премислила и го отфрлила.
Неодамна духовите на Балканот ги разбранува нов нонпејпер што, наводно го подготвил словенечкиот премиер Јанез Јанша и го испратил до Брисел, во кој повторно се дискутира за завршување на распадот на Југославија со прекројување на границите на БиХ, Црна Гора, Србија, Косово и на Македонија. Јанша демантира каква било поврзаност со овој документ, но нејасните одговори од Брисел на прашањето дали примиле или не примиле ваков документ фрлаат сомнеж дека сепак има нешто тајно.
Деновиве се појави уште еден нов нонпејпер со кој се нуди решение на проблемот меѓу Косово и Србија, исто, наводно, изработен од големите европски сили Германија и Франција. Официјален Берлин и Париз се дистанцираа од овој документ, но изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека внимателно ќе го разгледа нонпејперот не може да се протолкува никако поинаку, освен дека Белград верува дека во изработката на овие документи сепак стојат доброупатени тимови што на некој начин пуштаат пробни балони за можните решенија и доколку бидат прифатливи, тогаш би се вмешале и официјални претставници.

Без оглед што сите негираат вмешаност во ваквите документи, повеќе од очигледно е дека на овие нонпејпери е сериозно работено од лица што ги познаваат условите и состојбите на терен.
Она што сега се поставува како клучно прашање е дали нонпејпер-дипломатијата станува доминантна во решавањето на проблемите само на Балканот, особено што сите се појавија во релативно краток период, а во пресрет на стратегиската сесија на ЕУ за иднината на Западен Балкан закажана за 10 мај.
Кои се вистинската цел и заднината на овие нонпејпери, како неформална алатка во политиката и дипломатијата, што се сака да се постигне преку нив, но и какви се искуствата од минатото и кај другите држави од ваквата форма на комуникација и нудење решенија. Политиколозите имаат различни и интересни гледишта.
– Се чини дека улогата на нонпејперите е да бидат пробен балон за јавноста. За да се процени реалната сила на еден таков документ, важно е да се погледне неговата содржина, но и кој го испраќа. Политичката сила на нонпејперите е врзана за оној што ги поднесува. Таквиот документ непосредно никогаш не произведува правни и политички последици, но секако е парче во мозаикот што ја води и насочува расправата – вели политикологот Марко Дашиќ.
Тој уште додава дека отвореноста на нонпејперот е во тоа што неговиот подносител на кој било начин не е обврзан со она што е напишано во документот.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека пласирањето нонпејпери на Балканот е еден вид дипломатија, која воопшто не е наивна.
– И нонпејпер-дипломатијата е дипломатија, без оглед што нема формални белези, формални канали и формални носители. Таа е облик на дипломатска активност, а овие нонпејпери не се толку наивно напишани – вели Андревски.

Тој додава дека внатрешните елементи на нонпејперите се секогаш послободни во однос на класичните дипломатски документи.
– Со ваквите документи истовремено се мерат и силите. Тоа мора да се сфати како составен дел на мерење на расположението по одредено прашање. Така може да се сфати и изјавата на српскиот претседател Вучиќ, кој вели дека има елементи во последниот нонпејпер што вредат да се разгледаат. Нонпејперите се составен дел на дипломатската активност, особено што се специфични пројавувања на меѓународна активност и дека треба да се смета на нив исто како на составен дел на меѓусебните односи меѓу државите, но и регионално, како што е случајот се земјите на Балканот – појаснува Андревски.
Според него, криењето на изворот од каде потекнува нонпејперот е тактика.
– Тоа е исто елемент на една тактичка варијанта на однесување во меѓународните односи. Не е целосен автор, не е целосен документ, но може да има поттикнување појава на идеи, на однесувања и да биде идна основа на некакви трајни решенија – констатира Андревски.
Како и да се сфатат, повеќе од јасно е дека преку овие документи некои центри на моќ и влијателни меѓународни фактори повторно се обидуваат да ја моделираат, кројат и прекројуваат судбината и на регионот, вклучувајќи и на Македонија. Тоа во минатото никогаш не ѝ донело ништо добро на нашата држава.