Иако се шпекулираше дека во петтото продолжение на серијалот „Индијана Џонс“, Харисон Форд (78) ќе му го отстапи местото на Крис Прат (41), сепак, тоа не се случи. Овој глумец стекна светска слава со улогите во „Светот од времето јура“ и „Чувар на галаксијата“.
Од компанијата „Дизни“ е најавено дека „Индијана Џонс 5“наскоро ќе почне да се снима, со Харисон Форд во главната улога.
Џејмс Манголд ќе ја режира петтата авантура на доктор Џонс, која премиерно треба да биде прикажана во кината во јули следната година. Кетлин Кенеди и Френк Маршал од „Лукасфилм“ ќе го продуцираат ова филмско остварување, а Стивен Спилберг, режисерот на претходните четири филма, сега е извршен продуцент.
– Манголд е идеална алтернатива за Спилберг, поради големата љубов и почит кон франшизата. Тој е прекрасен творец, а мислам и дека има близок однос со Харисон Форд. Сите коцки се наместија во вистинско време – изјави Френк Маршал.
Тој смета дека најдоброто од сѐ е тоа што и овој пат Спилберг е дел од проектот.