Фото: Приватна архива

Младиот пејач Стефан Спироски од Струга, на годинешното издание на „Охрид фест-Охридски трубадури“ во рамки на поп вечерта, која ќе се одржи на 27 август, ќе ја испее композицијата со наслов „Дури постојам“. Станува збор за последното седумстотто дело, на големиот македонски композитор Кире Костов.

– Оваа песна за мене има огромно значење и емотивна тежина. Соработката се случи сосема случајно, преку близок пријател на маестро Кире Костов. Кога ја слушнав мелодијата, веднаш ми разбуди силни емоции и знаев дека тоа е вистинската песна за мене. За жал, по кратко време од снимањето, маесто Костов нè напушти, што ја прави оваа песна уште позначајна за мене. Реализацијата беше многу интензивен и емотивен процес. Секој момент во студиото беше посветен на тоа да се пренесе оригиналната замисла на маестрото – вели Спироски.

Фото: Приватна архива

Според него, текстот на Огнен Неделковски бил совршено заокружување на приказната која на песната ѝ ја дала бараната искреност.

– Од настапот очекувам пред сè, емотивно поврзување со публиката. Сакам преку оваа песна да ја пренесам пораката на Кире и да остварам директен контакт со слушателите, кој секогаш е најголемата награда за еден уметник-вели пејачот Спироски.

Да потсетиме, пејачот, првпат настапи на „Охрид фест“ во 2024 година, кога ја освои наградата за најдобра поп песна. На 9 август, на денот кога ќе стапи во брак, Стефан Спироски ќе ја објави неговата песна, подготвена за свадбениот танц. Станува збор за негова авторска композиција, а текстот е на хрватската музичарка Антонија Шола. Потоа ќе следи и нова соработка со Григор Копров.

Фото: Приватна архива

Најдолговечниот летен музички фестивал „Охрид фест-Охридски трубадури“, годинава во август ќе го има своето триесет и трето издание. Традиционално, фестивалот ќе започне со фолк вечер. Фестивалската програма ќе ја води Ирена Спировска, а ќе биде пренесуван на Македонската радио телевизија.

Ф.Д.