Фото:ЕПА

Бројот на жртви од двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела се искачи на најмалку 188 лица, соопшти денеска претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез.

Според најновите информации, 1.520 повредени лица се хоспитализирани, додека околу 200 луѓе и понатаму се заробени под урнатините на зградите. Спасувачките екипи продолжуваат со интензивни операции во обид да пронајдат преживеани, пренесе МИА.

 – Во трка сме со времето за да спасиме што е можно повеќе луѓе живи – изјави Родригез.

Загриженост предизвикува и бројот на исчезнати. Според податоците од платформата за пријавување исчезнати лица, по катастрофата се евидентирани речиси 40.000 исчезнати граѓани.

Дополнително, 2.927 семејства останале без своите домови поради големите разурнувања предизвикани од потресите.

Земјотресите предизвикаа сериозни оштетувања и на инфраструктурата. Главниот аеродром во земјата е затворен поради штетите, а дел од населението од најпогодените подрачја е евакуирано во соседен Бразил.

Властите прогласија вонредна состојба на национално ниво. Воздушниот и железничкиот сообраќај се во прекин, а наставата во училиштата е суспендирана до понатамошно известување.

Венецуела беше погодена од два последователни силни земјотреси со јачина од 7,5 и 7,2 степени според Рихтеровата скала, кои предизвикаа голема материјална штета и една од најтешките природни катастрофи во земјата во последните години.