На 2 април, Светскиот ден на литературата за деца, уште една книга за најмладите читатели ќе ја здогледа светлина на денот. „Татковината во детските срца“ е насловен заедничкиот проект на додатокот за деца „Колибри“ во дневниот весник „Нова Македонија“ и ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, во кој учествуваа учесници од трето до деветто одделение од ова училиште. Тие дадоа искрени и умни одговори на прашањето „Што е татковина“, а познати македонски писатели за деца напишаа стихови за татковината, што исто така се дел од оваа едукативно издание. Се е украсено со цртежи на децата, со кои ги збогатија своите одговори и со фотографиите на поетесата Александра Донева, инспирирани од татковината, коишто ќе бидат преставени и на промоцијата.
Книгата „Татковината во детските срца“, чиј автор е Марија Таушанска, новинар во „Нова Македонија“ и долгогодишен уредник на „Колибри“, ќе биде промовирана во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, на 2 парил, во 12 часот.
Гости ќе бидат учениците од ООУ „Јан Амос Коменски“, писатели за деца, членовите на хорот „Златно славејче“, младиот гајдаџија Филип Атанаскоски, а водител на настанот е Филип Димкоски.
– Одговорите на учениците од ООУ „Ј.А.Коменски“ на прашањето што претставува за нив татковина, се искрени, со избрани зборови, извираат директно од детските срца. Токму таа нивна чиста мисла и љубов ме поттикнаа овој проект да добие една своја целина со учество на познати писатели за деца, но и на оние кои допрва ја почнуваат својата писателска кариера и потрага по вистинските зборови и на моја голема радост, сите веднаш и со огромно задоволство прифатија да учествуваат со свои песни за татковината. Се надевам дека во овие чудни времиња мудрата детска мисла за татковината и сите стихови на нашите писатели за деца кои ја опеваат нашата лулка, дом, сегашност и иднина, ќе придонесат уште долго татковината да има важно место во срцата на денешните ученици, но и на оние кои ќе седнат во училишните клупи по нив. Ќе ми биде многу драго, доколку со овие размислувања и стихови и рими, дадеме мал придонес, почесто да се размислува за татковината и за она што таа ни го дава и овозможува и начинот на кој ние и возвраќаме – вели авторката Марија Таушанска.
На промоцијата на книгата ќе се осврнат и: Јованка Христовска од Домот „Кочо Рацин“ и м-р Татјана Гогоска, комуниколог и автор за деца.
– Тоа што децата добија ваква литература е од огромно значење и топло ја препорачувам книгата за наставно средство во училиштата на часовите по македонски јазик за видиците на овие млади, мали генерации да станат поголеми, колку што е голем поимот за татковината – вели Татјана Гогоска.
Еден од рецензентите, заедно со писателот Трајче Кацаров е и младиот поет Филип Димкоски.
– Да се поттикнат младите таленти да творат литературни дела за татковината значи да се биде чинител и продолжувач на една благородна мисија. Поради се она креативно и хумано што го содржи оваа книга, која е завршеток на еден поопсежен и подолготраен проект, со радост и со восхит ги поздравувам сите учесници во него – потенцира Димкоски.
Во книгата се застапени и мислењата на Елизабета Ивановиќ, психолот и Роза Василевска, одделенски наставник во ООУ „Ј.А.Коменски“.
„Татковината во детските срца“ ја издаде НИК Нова Принт ДООЕЛ, техничкото уредување е на Владимир Хаџи Пулевски, а насловната фотографија е на Маја Јаневска Илиева.