Националната установа „Охридско лето“ за реализација на годинашната уметничка програма на фестивалот, кој се одржува од 12 јули до 20 август, од Министерството за култура и туризам доби 31 милион денари. Директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, вели дека со ваквата финансиска поддршка ќе се реализира квалитетна програма со врвни светски и домашни уметници.
– Годинава се издвоени финансиски средства, кои се достојни за една вака голема музичко-сценска манифестација. Ова е значајна финансиска поддршка што ја добиваме од Министерството за култура и туризам за реализација на 40 фестивалски денови, кои ќе донесат врвна програма достојна за одбележување 65 успешни години – вели Цуцковски.
Според него, со реализацијата на програмата на 65. издание ќе се оправда во целост довербата што ја добива фестивалот од Министерството за култура и туризам. Цуцковски кажа дека имињата на уметниците и деталите за самата програма по традиција ќе бидат објавени на официјална прес-конференција. Од фестивалот велат дека програма на „Охридско лето 2025“ веќе е при крај, а во тек се активностите за средување, опремување и адаптација на сцените и сценските простори за реализација на годинашното издание на фестивалот.
– Ќе понудиме програма што ќе го дополни квалитетот на најголемиот културен настан, како кај нас така и на светската уметничка сцена – вели Цуцковски.