Благој Веселинов, актер
Претставата „Иванов“ е дел од репертоарот на МНТ. Денешната поставка на драмата „Иванов“ е втора поставка на истоимената драма во Македонскиот народен театар. Првата премиерно е прикажана на 25 октомври 1984 година, во режија на Бранко Ставрев. Претставата на Чехов, режирана овој пат од режисерката Зоја Бузалковска, поставува многу прашања, но основното е – каде е местото на интелектуалецот во современото општество? Благој Веселинов ја игра главната улога на Иванов, Николај Алексеевич.
Кој беше најсилниот предизвик во подготвувањето на „Иванов“?
– Во детството знаев да раскажувам шеги и можев да раскажам невистини и многу често да ги убедам луѓето да веруваат во истите тие. Тоа ме прави добар раскажувач, голем лажго или ако сакате „добар“ лажго. Морам да признаам дека сега не сум толку добар лажго како што бев некогаш. Како што растев тоа со лажењето морав некако да го надминам, да го ставам во некаква рамка и, еве, денес можам да го наречам моја професија. Поминаа години на легално лажење и, еве, конечно „Иванов“… нема повеќе лаги. Качување карпи и говорење текст, дали беше тешко? Не знам. Но знам дека беше и е многу тажно. Не прашувајте од каде таа тага, јас и самиот не знам.
Во оваа драма на Чехов се третира проблемот на интелектуалецот заробен во светот на распаднат морал и вредности… Што особено ве импресионира во текстот?
– Математички точно пресметан живот во кој преку една животна линија веќе добиваш идеја за целокупното битисување на сите инволвирани ликови и таа безвременска нота што вибрира во истата фреквенција онеспособувајќи го секој обид да биде изменета сегашноста над која толку жолчно се пенавиме. Тоа е за мене Чехов тоа е за мене „Иванов“. Која е ползата од интелектуалецот што е сенилен и болен, со магла во мозокот. Може ли човек да заборави дека е интелектуалец. Смешни се сите човечки обиди да се бориме со времето, тоа е исто како да се обидете со дланка да го фатите воздухот.
Што прво си помисливте кога дознавте дека дел од изведбата на претставата е и осознавање на адреналинот што го носи качувањето на карпи?
– „Ако на почетокот идејата не е апсурдна, тогаш за неа нема надеж“, рекол Алберт Ајнштајн. Се налепувам јас на лудости како мува на карпа. За нас актерите најубавиот дел е тој кога ќе ви соопштат дека се планира нов проект, тогаш сѐ се остава само на фантазија, а таму е убаво сам си… хахаха. Е кога ќе тргне работата во пракса…, ама тоа не беше прашањето, хахаха.
Трениравте со Зарапчиев, супер алпинист. Колку време ви беше потребно да се ослободите и да уживате во задоволството што го нуди овој спорт?
– Во текот на спремањето на претставата, помеѓу нас актерите, сите алпинисти што беа ангажирани во проектот ги викавме Зарапчиеви. Ете колку силна, позитивна и посветена слика кај нас предизвика нашиот инструктор. Времето е релативно кога работите со вистинските луѓе. Секоја можност ја користевме да се дружиме на карпа или во бордеринг-сала. Со сигурност тврдам дека тимот Зарапчиев беше светла точка во тие три месеци на подготвување на овој прекрасен проект. Во надеж дека ќе имаме уште можности за соработка ви благодарам драги Александар Зарапчиев, Елена Диновска, Ангел Куртелови човекот што во раце го држи мојот живот, Раде Набаков.
„Иванов“ зборува за вечно актуелни теми, но што е она што ја прави актуелна оваа драма денес?
– Со режисерката Зоја Бузалковска поминавме доста време на маса во обид да ги едначиме сличностите помеѓу овие две различни епохи. Тоа што денес му се случува на „нормалниот“ човек или ако сакате интелектуалецот, целиот тој притисок од одредени его-карактери или различни режими на однесување, без разлика колку сте силни, осудата и нападот ќе ве стигнат и погодат во одреден момент. Во систем што во целост се базира на пари морате да ја имате таа отпорност на лебарка за да преживеете. Исто е и, за жал, ќе биде исто. Иванов е капка вода во океанот, роден за да ги храни несреќните и да им ги наполни очите на завидливите со таа малку што остана љубов.
Моќна претстава, универзални теми, фантастична актерска екипа. Што друго ќе види публиката на штиците што живот значат додека ја гледаат Иванов?
– Успехот на оваа претстава се должи на сите чинители. Огромна поддршка добив од моите колеги а тоа беше пресудно да ја направиме оваа експериментална претстава. Сакам да им се заблагодарам на целиот ансамбл и административен и технички тим на МНТ и да им заблагодарам за несебичноста и љубовта со која пристапија во градењето на еден цел нов свет. На сцената сме актери од сите генерации тој раскош секако треба да се посведочи.