Вечерва од 19 часот на камената бина во Прилеп започнува 50. јубилеен фестивал
на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Пред почетокот на фестивалот кој го чува народното фолклорно творештво низ годините, ќе дефилираат 50 гајдаџии од сите краишта на Македонија. Во чест на јубилејот, вечерва (петок) ќе настапи и националната институција „Танец“.
Во рамките на фестивалот денеска се одржи и симпозиумот „Фолклорот во
минатото и денес“ , а беа промовирани Зборникот со научни трудови од истражувањата на еминентни етномузиколози, етнокореолози за богатото фолклорно наследство и Монографијата за 50 години фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ – „Непресушен извор, за навек“ од новинарот Елизабета Митреска.
Деновиве се одржа и семинарот за изучување на народните инструменти и песни, на
кој 12 млади, вљубеници во изворниот мелос, изучуваа да свират на народни инструмени и да пеат изворни песни.
– Фестивалот, од некогашните смотри, прерасна во национална манифестација која
пет децении успешно го зачувува, го негува и го пренесува на новите генерации богатото фолклорно наследство. Фестивалот го носи името на идејниот творец, големиот гајдаџија и светски промотор на фолклорното наследство, Пеце Атанасовски. Во пет децении на фестивалот учествувале преку 15 000 изведувачи на народни инструменти и песни од Македонија и од странство – вели Горан Василески, претседател на Фестивалот.
Утре на Рудина во Долнени е втората фестиваслка вечер, а годинава на тапан, гајда,
кемане и др. инструменти ќе учествуваат околу 250 изведувачи.
Ка.М.