Претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“ на независниот театар „Артопија“ е закажана за 25 февруари во МКЦ, во 21 часот. Станува збор за документарна претстава, авторско дело на четворица актери и еден режисер. Ја раскажува приказната за растењето, за соништата за себеостварувањето и за соочувањето со општествените механизми на функционирање. Темите што се отвораат во претставата (уметноста во себе, надежите, стравовите, борбите за остварување на креативниот потенцијал…) се одраз на личните искуства на актерите и зборуваат за борбата за индивидуална слобода.
– Каков треба да биде театарот денес? Кое е неговото место во општеството? Кое е местото на младинците во општеството во кое живееме? Претставата зборува и за: емотивната слика на индивидуалниот внатрешен конфликт помеѓу интуитивното и рационалното, за слика за вакуум просторот помеѓу „каков сакаме да биде животот“ и „каков животот навистина е“ итн. Севкупно, актерите на сцена поставуваат прашања и отворат дилеми барајќи начин да ги одговорат – велат од театарот.
Во претставата играат: Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски. Симона Спировска. Претставата е во режија на Билјана Радиноска.