Три филма, од кои два долгометражни и еден документарен, се селектирани од филмските експерти и тинејџери од цела Европа и ќе бидат во трка за Наградата за најдобар европски филм за млада публика за 2022 година. Наградата е посветена на европските филмови за публика меѓу 12 и 14 години и претставува официјална категорија уште од 2012 година.
Она што е карактеристично за оваа селекција е што победниците се избираат од млади луѓе како жири, и тоа од 42 европски земји што ќе гледаат три филма он-лајн, но и во повеќе од 60 киносали во на 70 европски градови.
Mладите од нашата земја по петти пат ќе бидат дел од паневропскиот настан „Филмски ден на млада публика“, кој вчера истовремено се случуваше низ европските градови. Настанот е предвиден да се одржи во Кинотеката на Македонија и да опфати млади на возраст од 12 до 14 години.
Наградата е официјална категорија во рамките на Европските филмски награди организирани од страна на Европската филмска академија и „ЕФА продакшнс“.Гласовите од Скопје ќе бидат соопштени преку видеоклип, во кој ќе учествуваат сите учесници со фокус на двајца учесници од нашето жири во улога на презентери. Настанот во Скопје е во организација на Европската филмска академија и Агенцијата за филм. Во официјална конкуренција се филмовите: францускиот „Животно“, режиран од Сирил Дион, шведскиот „Кралица на комедијата“ на Сана Ленкен и германскиот „Соништата се како диви тигри“ на Ларс Монтаг. Големото финале ќе биде на прославата на Европските филмски награди на 10 декември во Рејкјавик.
Идејата е преку активно учество на младите луѓе, тие да го запознаат висококвалитетниот европски филм, преку кој спознаваат различни култури и се разгледуваат важни општествени прашања, но исто така им се овозможува на младите да придонесат кон позитивна промена преку демократско гласање како членови на европското семејство.