Со цел афирмација и достоинствена презентација на македонската мода, како неспорен чинител во културата на еден народ, се роди идејата за проектот „Фолклорна приказна“, дизајнерски проект на македонската модна дизајнерка Наташа Карчева, сопственичка на македонскиот моден бренд „Ал Апарел“. Целта е будење на свеста и зачувување на она што ни било оставено како наследство и аманет од нашите предци, каде што преку добро смислена приказна се прави спој на минатото и на сегашноста како влог во иднината.
– Како активни чинители во културата на еден народ, како творци на сегашноста наша должност и аманет е да оставиме колку што е можно повеќе културна оставина за идните генерации, затоа што колку е помала оставината, толку е посиромашен идентитетот на овој народ – посочуваат од македонскиот моден бренд „Ал Апарел“.
Проектот е спој на традицијата и современоста во мултимедијална презентација, во која преку фотосесија и видеозапис се раскажува дизајнерската фолклорна приказна. Приказна за фолклорното наследство, во која паралелно со секој модел од колекцијата ќе се прикажува македонското фолклорно наследство.
– Без минато не се гради иднина, без да се твори во сегашноста не се создава историја – порачува дизајнерката.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.