На литературна свеченост одржана во Задар беа доделени годишните награди „Донат“ и „Горан Бујиќ“, кои ги доделува задарскиот оддел на Хрватското книжевно друштво. Лауреати на овие награди се и четворица македонски писатели: Томислав Османли доби награда за животно дело, а наградени се и Борче Панов, Даниела Андовска-Трајкова и Марина Мијаковска, како и невладината организација „Хрватско-македонска тангента“. Одлуките ги донело жири од 21 член, на чело со претседателот на задарскиот разгранок на Хрватската книжевна асоцијација, писателот Никола Шимиќ Тонин.
– „Донат“ за животно дело ќе му се врачи на Томислав Османли, македонски писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиуми, филмски и театарски критичар, новинар и есеист – се наведува во дел од подолгото образложение за високото хрватско книжевно признание.
Османли е автор на 28 книги публицистика, драмски текстови, сценарија и прози. Неговата теоретска студија „Филмот и политичкото“ (1981) е првата книга во Македонија посветена на седмата уметност, онака како што „Стрип, запис со човечки лик“ (1987, 2002) е првата книга посветена на деветтата уметност во земјата.
Заблагодарувајќи се од името на лауреатот на највисокото признание, наградата „Донат“ за животно дело на Томислав Османли ја прими секретарката на „Хрватско-македонската тангента“, Милена Георгиевска, новинарка и уредничка на списанието „Македонски глас“ од Хрватска.