Уметницата Тања Балаќ, за видеопроектот „Следна генерација“, освои гран при на 20. „Зимски салон“, кој традиционално го организира Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Зад одлуката стои кураторката на „Зимскиот салон“, Оксана Карповец од Украина, која ја зададе темата „Интимност и меѓусебна поврзаност“ на ова јубилејно издание. Карповец ја соопшти одлуката на отворањето на изложбата во „Чифте-амам“.
Тања Балаќ дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, на отсекот за сликарство во 1991 година. Во 2008 година, Балаќ се стекнала со звањето магистер на ФЛУ. Членка е на ДЛУМ од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година е претседателка на друштвото. Во 2003 година, Тања Балаќ посетувала студии во Париз, а учествувала и на голем број конференции и работилници, надвор од Македонија. Покрај сликарството таа работи и инсталации, уметнички видеопроекти и уметнички претстави. Балаќ е добитничка на повеќе награди: „Жената симбол и инспирација“, доделена од културниот центар „Кочо Рацин“ – Скопје во 1992 година, награда за млади уметници „Константин Мазев“, освоена на изложбата во КИЦ во 1995 година, „Методија Ивановски-Менде“, исто така од КИЦ во 1996 година, „Никола Мартиновски“ во 2001 година, „Пејзаж“, ДЛУМ галерија во 2003 година и наградата „Нерешки мајстори“ на ДЛУМ, во 2015 година.
Како лауреат на годинашниот „Зимски салон“, Тања Балаќ ќе има двомесечен престој во Париз, во ателјето „Сит интернатионел де арт“.