Во рамките на манифестацијата се вклучени цели сетови книги од поединечни автори, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Во овој попуст се вклучени комплетите, односно собраните дела од: Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Димитар Солев, Живко Чинго и Ѓорѓи Абаџиев
Oд 2 до 16 февруари, во сите книжарници на „Литература.мк“ ќе се одржи третото издание на „Деновите на литературата“. Во акцијата се вклучени изданија од повеќе домашни издавачки куќи: „Арс ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, „Артконект“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Или-или“, „Култура“, „Мартина“, „Нампрес“, „ПНВ публикации“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Слово“ и „Три“. Ќе бидат понудени цели сетови книги од поединечни автори, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Во овој попуст се вклучени комплетите, односно собраните дела од: Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Димитар Солев, Живко Чинго и Ѓорѓи Абаџиев. Цел комплет од современите светски класици на Милан Кундера, Ернест Хемингвеј, Орхан Памук.
Во рамките на „Деновите на литературата“ ќе се одржат низа промотивни настани. Денеска во 10.30 часот во „Литература суперстор“ во „Ист гејт мол“ е закажана работилница за деца со авторката на сликовницата „Жолтите чорапи“, Билјана Лотеска. В недела ќе се одржи книжевна кафе-дружба со писателката Јана Мишо, наменета за клубовите на читатели и за пошироката читателска публика. Во фокусот ќе биде последниот роман „Лулу“, во издание на „Арс либрис“. На 7 февруари ќе бидат промовирани сликовниците „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски со илустрации на Орце Нинески и „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески со илустрации на Љупка Стојкова. Книгите се дел од новата едиција „Љубов на прв збор“, со која се реафирмираат постари, класични дела на познати македонски писатели за деца. На настанот, кон „Коњчето од рингишпилот“ ќе се осврнат уредничката Оливера Ќорвезироска и Орце Нинески, а „Во полската куќичка“ ќе ја претстават уредничката Бисера Бендевска и графичката дизајнерка Ангела Чучкова. На 9 февруари ќе се одржи ВИП-настан инспириран од романите на Агата Кристи. Пред гостите ќе биде претставена колекционерската едицијата со најпознатите дела од Кристи, која издавачката куќа „Арс ламина“ ја публикува по повод стогодишнината од почетокот на творештво на Кристи. Во серијалот има 12 наслови, поделени во два сета.
Новата книга за деца „Детелинки-белинки“, која содржи 16 современи бајки од 15 македонски автори, ќе биде претставена на 12 февруари. Изборот на бајките во оваа збирка е направен од пристигнатите материјали на конкурсот за новосоздадени бајки на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс ламина“, спроведен во 2020 година. На 14 февруари ќе се одржи промоција на романите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска. Двата ракописа влегоа во потесниот избор за книжевната награда „Пегаз“ за 2021 година. Промоторка на „Ние“ ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова, а на „Мастилна мапа“ уредничката Оливера Ќорвезироска. Со промоцијата на новиот научнофантастичен роман на Хари Кацановски, „Анатрос“, на 16 февруари ќе биде заокружена промотивната програма на „Денови на литературата“. Истиот ден во книжарницата „Литература.мк“ во Струмица ќе биде одбележана една година од отворањето.