Книгата „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска-Елзесер е новиот носител на наградата „Димитар Митрев“ за 2022 година. Тоа е награда што традиционално ја доделува Друштвото на писателите на Македонија за книга со критики или есеи. Комисијата во состав: Марина Мијаковска, Лидија Капушевска Дракулевска и Глигор Стојковски, детално ги разгледа сите пристигнати книги и на последниот состанок едногласно одлучи наградата „Димитар Митрев“ да ја добие „Книжевен бинокулар“.
Есеистичката книга „Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер е дело со книжевни и културолошки есеи, кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура. Оваа публикација има структура на мозаик со теми и проблематики што Стојменска-Елзесер ги истражувала изминативе неколку години, а сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст. Според Стојменска-Елзесер, „културата може да ја разбереме единствено во релации, контекстуално, компаративно.“ Затоа таа се служи со компаративен метод во анализа на делата од македонските автори.
„Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер е есеистичко дело во кое компаратистичката промисла на книжевните феномени отвора нови видици и предизвици во македонската книжевна наука. Стилот е јасен и течен, а теориските импликации и цитатноста на делата со кои се служи авторката, воопшто не го отежнуваат читањето на есеите.